Општините не успеале да наплатат повеќе од 47,7 милиони евра даноци, такси и надоместоци во периодот од 2020 до 2024 година. Дополнително, отпишале побарувања вредни 3,8 милиони евра. Тоа го покажува ревизијата на Државниот завод за ревизија, според која локалните власти не ги користат целосно расположливите механизми за наплата на сопствените приходи.
„Општините не ги користат во целост расположливите фискални капацитети за прибирање на даноци, такси и надоместоци (навремена наплата, камата за задоцнето плаќање и спроведување на присилна наплата), поради што генерирале 2.934.384 илјади денари (47.761.274 евра) ненаплатени побарувања по основ на даноци, такси и надоместоци во периодот 2020 – 2024 година, а извршиле отпис на 233.895 илјади денари (3.803.170 евра)“, наведено е во ревизорскиот извештај.
Воедно, се образложува дека од вкупно ненаплатените побарувања по основ на данок на имот, 67 отсто или околу 18,9 милиони евра се постари од пет години, што укажува на слабиот фискален напор на општините.

Ова се клучните наоди од ревизијата на успешност „Ефикасноста на мерките и политиките за администрирање на локалните даноци, такси и надоместоци“, со која Државниот завод за ревизија оценува дека мерките и политиките на надлежните институции и на единиците на локалната самоуправа не обезбедуваат ефикасно администрирање на локалните приходи.
„Со опфатот и доказите кои ги обезбедивме по пат на примена на ревизорската методологија и техники, стекнавме разумно уверување дека мерките и политиките на надлежните органи и ЕЛС не обезбедуваат ефикасно администрирање на локалните даноци, такси и надоместоци“, посочуваат ревизорите.
Според нив, опкружувањето во кое работат општините не овозможува ефикасно утврдување и наплата на сопствените приходи. Проблемите почнуваат од самата регулатива – нема законска обврска регистарот на недвижности да се ажурира по службена должност, роковите за плаќање не се прецизно утврдени, начинот на доставување на даночните решенија не е регулиран, а постојат и ограничувања за ревизија на пазарната вредност на имотот.
ДЗР укажува дека методологијата за проценка на вредноста на објектите е застарена, не ги опфаќа новите типови градби и материјали и користи цени што со години не се ажурирани, поради што даночната основа е потценета, а општините прибираат помалку приходи. Дополнително, само 15 општини спровеле ревизија на пазарната вредност на имотот.
Проблем има и со комуналните такси. Ревизорите утврдиле дека само три комунални такси се администрираат и наплатуваат во повеќе од половина од општините, додека останатите пет се применуваат во помалку од една четвртина од нив.

„Само три комунални такси (фирма, односно назив на деловна просторија, користење на простор пред деловен простор и користење на плоштади и друг простор во градовите и другите населени места) се администрираат и наплатуваат во над 50 % од општините, додека останатите 5 комунални такси се администрираат и наплаќаат во помалку од 25 % од општините“, нотирано е во извештајот.
Притоа се додава: „Во услови кога тарифите за комунални такси не се ажурирани, нивното утврдување и наплата често се врши без издадени решенија и без воспоставен регистар на обврзници, не е обезбедена добра основа за целосна и ефикасна наплата на овие приходи“.
Ревизијата открива и сериозни слабости во административните капацитети. Различните софтверски решенија – ЛТАС, АЗАРО и ИСФ – не овозможуваат реално следење на наплатата, бидејќи не може да се утврди колку од наплатените средства се однесуваат на стари долгови. Исклучок е софтверот „Комуна“, кој овозможува следење на редовната наплата на тековните задолжувања.
Недостаток има и од човечки ресурси. На централно и локално ниво надзорот го вршат само еден инспектор во Управата за јавни приходи и 16 даночни инспектори во сите општини, кои проверуваат дали обврзниците ги пријавиле своите даночни обврски, но немаат надлежност да изрекуваат глоби.
Дополнителен ризик е утврден и кај надоместот за уредување на градежното земјиште. Поради нејасни критериуми за плаќање на рати, различна пракса за обезбедување на побарувањата и нецелосно следење на наплатата, 14 општини акумулирале ненаплатени побарувања од 826,4 милиони денари во периодот 2020–2024 година.
Ревизијата покажува и дека руралните општини, со исклучок на Петровец, Илинден и Чучер Сандево, имаат значително послаб фискален капацитет од урбаните.
За надминување на утврдените слабости, Државниот завод за ревизија дал препораки до надлежните институции и до општините, со цел да се подобри системот за администрирање и наплата на локалните даноци, такси и надоместоци и да се обезбедат постабилни сопствени приходи на локалната самоуправа.
(Фото: Magnific)
Аналитика








