ПОВЕЌЕ

    Стратешките залихи на нафта опаднале од 52 на 42 дена покриеност – ДЗР за состојбите  во Агенцијата за задолжителни нафтени резерви

    Време зa читање: 4 минути

    Шестотини тони мазут земени од Министерството за одбрана во 2017 година сè уште не се вратени, резервите на нафта и нафтени деривати се намалиле од 52 на 42 дена покриеност, а Државниот завод за ревизија утврдил и неправилности при исплатата на плати и надоместоци во Агенцијата за задолжителни нафтени резерви.

    При ревизијата на финансиските извештаи и усогласеноста за 2024 година, ДЗР дал позитивно мислење за финансиските извештаи, но изразил мислење со резерва за усогласеноста со законската регулатива поради утврдените состојби.

    Еден од клучните наоди се однесува на невратените 600.000 килограми мазут, односно 600 тони, кои Агенцијата, тогаш Дирекцијата за задолжителни резерви на нафта и нафтени деривати, ги отстапила на Министерството за одбрана за непречено извршување на функциите на Армијата.

    Мазутот требало да биде вратен до 31 декември 2017 година, но тоа не е направено ниту до 2025 година:

    „Количините и во текот на 2025 година не се вратени од Министерството, поради што за издадените количини е искажано побарување од Министерството во износ од 16.714 илјади денари“.

    Според ревизорите, и покрај преземените активности низ годините, состојбата не е решена, што создава ризици за одржувањето на потребното ниво на резерви на мазут.

    Дополнителен притисок врз нивото на резервите создале и владините одлуки за отстапување мазут од задолжителните резерви на АД ЕСМ.

    Во декември 2024 година, на ЕСМ му биле отстапени 10.788.295 килограми мазут без надомест, а до 24 јуни 2025 година биле преземени 10.786.880 килограми. Во 2025 година биле одобрени дополнителни 5.394.854 килограми мазут.

    ДЗР наведува дека иако овие количини биле во рамките на законски дозволените граници, нивното намалување влијаело врз покриеноста со резерви:

    „Резервите на нафта и нафтени деривати кои пред нивното издавање овозможувале покриеност од 52 дена, се намалиле и обезбедуваат 42 дневна покриеност“.

    Според ДЗР, ваквиот начин на користење на залихите не овозможува формирање резерви во согласност со целите утврдени со Акцискиот план за формирање на задолжителните резерви за периодот 2023-2025 година.

    Ревизорите утврдиле и дека не биле донесени потребните одлуки за количината и структурата на задолжителните нафтени резерви. За 2022 и 2023 година, Владата не ги донела потребните одлуки, иако Агенцијата навремено доставила предлог-одлуки до тогаш надлежното Министерство за економија. За 2024 година, според ДЗР, не била доставена предлог-одлука, додека за 2025 година тоа не било направено поради нефункционалноста на новото Министерство за енергетика, рударство и минерални суровини.

    „Недонесувањето на пропишаниот акт создава ризик од несоодветно постапување и формирање залихи во количини и структура кои не се во согласност со потребите и приоритетите на Владата“, предупредуваат од ДЗР.

    Неправилности се утврдени и во системот на пресметка и исплата на плати во Агенцијата. Поради разлики меѓу бодовите утврдени со Колективниот договор на Агенцијата и бодовите предвидени со Законот за административни службеници, за плати, даноци, придонеси, надоместоци и додатоци биле исплатени повеќе средства во износ од 1.024 илјади денари.

    ДЗР утврдил и дека надоместоците за боледување не се пресметувале според законски утврдената основица, односно според просечната исплатена плата во последните 12 месеци, туку според платата во месецот за кој се вршела пресметката.

    Ревизорите констатирале и дека евиденцијата за прекувремена работа не е целосна, а не биле доставувани ниту писмени известувања до трудовиот инспектор во случаи предвидени со закон:

    „Наведените состојби влијаат на законитоста и точноста при пресметката и исплатата на платите, надоместоците и додатоците од плата“.

    Ревизијата укажува и на долгогодишната практика на именување вршители должност директори. Според ДЗР, Законот за задолжителни нафтени резерви не го уредува периодот на мандатот на директорот, а функцијата „вршител должност“ не е предвидена како орган на управување.

    Ревизорите предупредуваат дека ваквата практика создава ризик институцијата да ја управуваат лица без потребните квалификации и може да влијае врз континуитетот и квалитетот на работењето.

     

     

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично