ПОВЕЌЕ

    СИПАНИЦИТЕ СЕ ШИРАТ: Уште 10 нови жаришта кај овци и кози, над 2.700 животни под ризик

    Време зa читање: 3 минути

    Додека за граѓаните нема причина за загриженост, бидејќи болеста не се пренесува на луѓето, сточарскиот сектор се соочува со сè посериозна закана. Само во првата половина на јули во земјава се потврдени десет нови жаришта на сипаници кај овци и кози, а бројот на заразени одгледувалишта и животни продолжува да расте.

    Со новите случаи, вкупниот број на жаришта од почетокот на годината достигна 17, при што болеста е регистрирана во 15 одгледувалишта со овци и две одгледувалишта со овци и кози, опфаќајќи повеќе од 2.700 приемчиви животни.

    Според Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ), новите жаришта се потврдени во Саса (Македонска Каменица), Соколарци (Чешиново–Облешево), Бигла и Косевица (Делчево), Малино (Свети Николе), Сопот (Куманово) и Цера.

    Од Агенцијата повторуваат дека сипаниците кај овци и кози не претставуваат опасност за луѓето, но предупредуваат дека станува збор за исклучително заразна болест која може да предизвика сериозни економски последици за сточарството.

    „Болеста не се пренесува на човекот. Сите мерки што се преземаат се насочени кон спречување на понатамошното ширење на заразата и заштита на сточниот фонд“, велат од АХВ.

    Како дел од мерките за сузбивање на болеста, досега се депопулирани повеќе од 1.400 животни, а постапката продолжува и во новите жаришта веднаш штом се обезбедат соодветни локации за нивно нештетно отстранување. Во текот на вчерашниот ден беше спроведена депопулација и на заразеното одгледувалиште во селото Сопот, кај Куманово.

    Паралелно со тоа, на сила остануваат строгите ограничувања за движење на овци и кози во заштитните зони. Транспорт е дозволен само во строго контролирани случаи и исклучиво до одобрени кланици.

    На целата територија на државата и натаму е забранета работата на добиточните пазари за овци и кози, како и организирањето изложби, саеми и други собири на овие животни.

    АХВ апелира сточарите секој сомнеж за заболување или угинување на животни да го пријават во рок од 24 часа до надлежното ветеринарно друштво или официјалниот ветеринар.

    Истовремено, одгледувачите се задолжени да применуваат засилени биосигурносни мерки – ограничување на движењето на лица и возила, задолжителна дезинфекција на фармите, користење заштитна опрема и водење евиденција за сите влегувања и излегувања.

    Дополнителни мерки се воведени и за производството на млеко. Суровото овчо и козјо млеко, како и производите од заштитните зони, можат да се пуштат во промет само по соодветна термичка обработка, односно пастеризација.

    Во меѓувреме, експертска група при Агенцијата ја следи епидемиолошката состојба и ја разгледува можноста за воведување вакцинација како дополнителна мерка за спречување на ширењето на болеста.

    Првото жариште на сипаници кај овци и кози годинава беше потврдено кон крајот на јануари во кумановското село Лопате. Оттогаш заразата постепено се прошири во повеќе општини во источниот и североисточниот дел од државата, а надлежните повторно апелираат до сточарите строго да ги почитуваат сите пропишани мерки за да се спречи натамошно ширење на болеста.

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично