Изградбата на долгоочекуваниот автопат Скопје–Блаце треба да почне во август, откако денеска беше потпишан договорот меѓу Јавното претпријатие за државни патишта и Европската банка за обнова и развој (ЕБОР), со што е затворена финансиската конструкција за проектот вреден 198,4 милиони евра. Од нив, 30,8 милиони евра се грант од Европската Унија преку Рамката за инвестиции за Западен Балкан, а 167,6 милиони евра се заем од ЕБОР.
Директорот на Јавното претпријатие за државни патишта, Коце Трајановски, истакна дека со денешното потпишување целосно се затвора финансиската конструкција за изградба на автопатот.
„Парите за грантот се од Рамката за инвестиции на Европската Унија за Западен Балкан. Грантот е 30,8 милиони евра, а заемот е 167,6 милиони евра. Со ова се комплетира финансиската конструкција за изградба на автопатот Скопје–Блаце“, рече Трајановски.
Тој појасни дека предмет на договорот е изградбата на 10,5 километри автопат од клучката кај Стенковец до граничниот премин Блаце. Со претходно изградените околу 1,5 километри, вкупната должина на автопатот ќе достигне 12 километри.
Според него, новиот автопат ќе има по две сообраќајни ленти во секој правец, широки по 3,5 метри, заедно со лента за принудно запирање од по 2,5 метри, а вкупната ширина ќе изнесува 27 метри.
Трајановски нагласи дека станува збор за еден од најсложените инфраструктурни проекти во земјата, бидејќи трасата минува низ ридско-планинскиот масив на Скопска Црна Гора.
„Ова е исклучително тежок терен за градба“, истакна директорот на ЈПДП.
Поради тоа, проектот предвидува изградба на пет тунели со по две цевки, со вкупна должина од околу пет километри, девет мостови со вкупна должина од 2,5 километри, 11 надвозници, четири галерии за стабилизација на косините и девет потпорни ѕидови.
„Очекуваме изградбата да започне во август оваа година. Според договорот, периодот на изградба е приближно четири години. Избран е консултантот, избран е изведувачот, додека надзорот е во фаза на евалуација и очекуваме наскоро да биде избран“, рече Трајановски.
Тој оцени дека со изградбата на автопатот значително ќе се подобри безбедноста во сообраќајот и ќе се скрати времето на патување.
„Со изградбата на автопатот ќе се зголеми безбедноста, ќе се намалат трошоците за патување и преку овој пат многу побрзо ќе се стигнува до Црна Гора, Албанија и Србија, а од северниот дел преку Скопје ќе се овозможи побрза врска и со Солун“, изјави Трајановски.
Автопатот Скопје–Блаце е дел од главниот патен коридор што ја поврзува Македонија со Косово и понатаму со Црна Гора. Од македонска страна проектот беше поделен на две делници, но од почетокот на работите во 2020 година беше изградена само првата, кратка делница. Во меѓувреме, Косово целосно го заврши својот дел од автопатот „Арбен Џафери“ од Приштина до граничниот премин Блаце, кој веќе неколку години е во функција.
Аналитика








