На 2 јули 1994 година беше убиен колумбискиот фудбалер Андрес Ескобар. Имаше 27 години. Беше убиен пред ноќен клуб во Меделин, во Колумбија.
Фудбалерот беше убиен поради автоголот што го постигна на натпреварот против САД на Светското првенство, што ја чинеше Колумбија место во следната рунда од натпреварувањето.
Спорниот натпревар се одигра на 22 јуни 1994 година на стадионот „Роуз Боул“ во Пасадена. Колумбија загуби од Романија пред тој натпревар и само триумф против домаќините ќе ги оставеше во трка за осминафиналето на Светското првенство. Андрес Ескобар беше трагедијата на натпреварот, бидејќи постигна автогол во 34-тата минута во натпревар што Колумбија го загуби со 2:1.
Никој не се сомневаше дека со тој несреќен автогол, Ескобар ја потпишал својата сопствена смртна казна. „Ве уверувам дека ништо чудно не се случи во нашата група, само игравме лошо. Се гледаме наскоро бидејќи животот не завршува тука.“ Овие зборови ги напиша Андрес Ескобар во колумна за „Ел Тиемпо“, неколку дена по натпреварот.
Десет дена подоцна, Ескобар се врати во Колумбија, иако првично планираше да ги посети роднините во Лас Вегас.
Колумбискиот фудбалер ја помина ноќта со своите пријатели во ноќен клуб во предградието на Меделин. Според официјалната полициска верзија, Ескобар го напуштил клубот околу три часот наутро. На паркингот пред клубот, три лица го чекале и почнале да се расправаат со него. Ескобар веќе влегол во автомобилот кога еден од нив извадил пиштол и испукал 12 куршуми кон фудбалерот. По секој истрел, убиецот извикувал: „Гооол“, на начинот на кој што викаат јужноамериканските ТВ-коментатори кога некој ќе постигне гол.
Ескобар починал 45 минути подоцна во болницата.
Брзо се проширила веста дека убиството на Ескобар било одмазда за автоголот што ги чинел многу пари на многу колумбиски нарко-босови и синдикати за коцкање, со оглед на тоа што се обложувале многу на победата на Колумбија.
Главниот осомничен за убиството на Ескобар бил Умберто Кастро Муњоз, кој работел како телохранител за многу моќен колумбиски нарко-картел. Муњоз бил уапсен истиот ден и го призна убиството само еден ден подоцна.
Интересно е што Муњоз работел како возач за двајцата моќни ликови кои се обложувале за огромни пари на победата на Колумбија, но никогаш не биле поврзани со елиминацијата на Ескобар.
На судењето во 1995 година, Муњоз бил прогласен за виновен за убиството на Ескобар и осуден на 43 години затвор. Поради доброто владеење, казната прво беше намалена на 26 години, а потоа беше ослободен по одлежани во затвор само 11 години.
Убиецот на Андрес Ескобар беше ослободен во 2005 година, додека соучесниците и можните сторители на убиството никогаш не беа пронајдени.
На погребот на Андрес Ескобар присуствуваа повеќе од 100.000 луѓе, а и покрај неговиот автогол, овој фудбалер беше омилен во својата земја, добивајќи го прекарот „фудбалски господин“.
Во јули 2002 година, во Меделин беше подигната статуа со неговиот лик. Потсетувајќи се на трагичната смрт на Андрес Ескобар, Њујорк Тајмс, во своето спортско издание деновиве и посвети значајно место на неговата трагична приказна.
АВТОГОЛОТ ШТО МУ ПРЕСУДИ НА АНДРЕС ЕСКОБАР
Во раните утрински часови на 2 јули 1994 година, телефонски повик го разбудиЛ Сантијаго Ескобар во Лас Вегас. Неговиот помлад брат, дефанзивецот на колумбиската репрезентација Андрес Ескобар, штотуку беше застрелан пред ноќен клуб во Меделин.
Сантијаго, поранешен професионален играч од средниот ред, беше на одмор во САД со голем дел од семејството Ескобар, по настапот на Колумбија на Светското првенство. Кога тимот беше елиминиран во групната фаза, Андрес одлучи да лета дома во Меделин за да биде со својата свршеница, Памела Каскардо, наместо да остане со семејството во САД – и покрај тоа што Сантијаго го наговараше да не се враќа во Колумбија толку брзо.
Турнирот помина лошо. Андрес постигна автогол во поразот од 2-1 од САД, момент што го уништи – тој веруваше дека тоа ќе го чини преселба во Милан, каде што се сметаше за наследник на легендарниот дефанзивец Франко Барези. Сантијаго се обиде да го увери дека нема да има врска, но Андрес беше сигурен дека неговата шанса е пропуштена.
Назад во Меделин, Андрес поминал неколку мирни дена пред некарактеристичното ноќно излегување – Сантијаго забележува дека неговиот брат ретко се дружел или пиел во текот на сезоната, но тогаш бил на одмор. Во ноќен клуб наречен Падова, навивачите го препознале и топло се однесувале кон него поголемиот дел од ноќта. На заминување рано наутро, некој му се потсмевнал поради автоголот. Следела конфронтација со двајца браќа поврзани со трговијата со дрога во Меделин; Андрес бил навредуван и наводно грубо туркан. Тој избегал со автомобил, а потоа се вратил за да се соочи со групата и да побара почит.
Меѓутоа бил застрелан шест пати и убиен во својот автомобил. Вооружениот напаѓач, телохранител на нарко-бос, отслужил 11 години од 43-годишната казна; самите браќа отслужиле само 15 месеци како соучесници. Едниот од нив подоцна бил убиен во Мексико минатиот февруари – веста, според Сантијаго, не му донела олеснување.
Сантијаго, исто така, се присетил како првпат го менторирал срамежливиот 18-годишен Андрес да стане професионалец и како браќата подоцна жестоко се натпреварувале едни против други во највисоката лига на Колумбија. Андрес продолжи со богата кариера во Атлетико Насионал, вклучувајќи ја и титулата во Копа Либертадорес.
Сега Сантјаго има 62 години, се бори со рак, како и со загубите на наблиските – прво починала мајка им, а неодамна и на нивната сестра. Сантијаго вели дека сака Андрес да се памети не по неговата смрт, туку по неговиот карактер. Меделин сè уште му оддава почит: мурали, тетоважи, музеј на неговите дресови управуван од навивачи и спортски комплекс во населбата Белен што го носи неговото име, каде што децата играат на терените над кои се наоѓа неговата статуа.
„Андрес е сè уште жив во нашите срца“, вели Сантијаго. „Не го пуштивме да замине.“
Аналитика








