ПОВЕЌЕ

    Арапска куќа и свеста за културното наследство: законите ги имаме, дали (ќе) ги применуваме?

    Време зa читање: 6 минути

    Државата не ја купи Арапска куќа, но тоа не значи дека потенцијалниот нов сопственик ќе може да прави што сака со неа. Еден од најпрепознатливите симболи на старо Скопје останува под строга законска заштита, а секоја интервенција ќе мора да добие претходно одобрение од надлежните институции.

    Токму тука започнува и поголемата приказна. Одлуката и претстојната продажба на поранешниот хотел „Јадран“ отвори прашање кое оди многу подалеку од тоа кој ќе стане негов сопственик – дали Македонија навистина има капациттет и волја да го заштити сопственото архитектонско наследство?

    Кога Македонијатурист ја понудил Арапската куќа за 1,9 милиони евра, државата преку Управата за заштита на културното наследство одлучила да не го искористи правото на првенствено купување.

    Во известувањето испратено до Македонијатурист, Управата наведува дека нема да го реализира правото на првенствено купување, но веднаш додава важна напомена:

    „Новиот сопственик треба да биде известен дека сите интервенции на културното наследство или во негова непосредна околина можат да се вршат само со претходно одобрение од надлежната институција во согласност со Законот за заштита на културното наследство“.

    Со други зборови, државата се откажува од сопственоста, но не и од контролата. Идниот купувач нема да може самостојно да одлучува за доградби, надградби, промена на изгледот или други градежни интервенции. Барем според законските одредби. Зашто, како граѓани на самостојна Македонија, особено последниве 20-тина години, сведочиме на градежна агресија, на обезличување на просторот и на постојните градби.

    Во одговорите што порталот Пари ги доби од Управата, се наведува дека Арапската куќа е опфатена со Решението од 25 јуни 2025 година, со кое споменичката целина „Мал Ринг 1“ е прогласена за значајно културно наследство.

    Во образложението се наведува дека токму овој дел од центарот на Скопје претставува најдобро сочувана архитектонска биографија на градот. Во него се препознаваат сите развојни фази – од објектите изградени меѓу двете светски војни, преку модернистичката архитектура од педесеттите години, до најзначајните градби создадени по катастрофалниот земјотрес во 1963 година.

    Според Управата, зачуваната урбана матрица, архитектонската разновидност и континуитетот на развојот му даваат на овој простор исклучителна документарна и историска вредност. Поради тоа, за целината е утврден режим на заштита кој забранува нарушување на нејзиниот историски карактер.

    Што е забрането? – Меѓу другото, не се дозволува: изградба на нови објекти на празни јавни и приватни простори; менување на габаритите и висината на постојните градби; поставување нови фасади што го менуваат автентичниот архитектонски изглед; нарушување на историската улична матрица; поставување рекламни конструкции, антени и други елементи што би го нарушиле амбиентот.

    Истовремено, решението предвидува реставрација и враќање на автентичните фасади таму каде што биле изменети, како и користење материјали што одговараат на оригиналната архитектура.

    102 години е чувар на скопската меморија – хотел Бристол

    А, што со Бристол? – На продажба е и хотелот изграден пред повеќе од еден век (1924 година). Според податоците од Управата, за него во Деталниот урбанистички план е утврден режим на заштита од прв степен, што подразбира зачувување на постојната состојба на објектот.

    Практично, не се дозволуваат промени на фасадата, волуменот и габаритот без претходно конзерваторско одобрение, а над сите работи стручен надзор врши НУ Конзерваторски центар – Скопје.

    Мал Ринг е архитектонскиот идентитет на Скопје – Во образложението на решението Управата посветува голем простор на вредностите на „Мал Ринг 1“. Се наведува дека токму тука се наоѓаат некои од најзначајните архитектонски дела во Скопје – Банската палата (денешното Собрание), Домот на АРМ, зградата на „Пелагонија“, градбите кои припаѓаат на недооформениот блок „Москва”, „Технометал Вардар“, како и бројни станбени палати долж улиците „Македонија“, „Максим Горки“ и „Никола Вапцаров“. Особено се истакнува периодот по земјотресот, кога Скопје станало своевидна „истражувачка лабораторија“ во која се преплетувале влијанија од европскиот структурализам, јапонскиот метаболизам и американскиот брутализам.

    Според Управата, токму овие архитектонски слоеви денес го дефинираат идентитетот на современо Скопје и претставуваат вредност што мора да се зачува.

    Законите се слични, разликата е во примената – На хартија, македонскиот систем не се разликува многу од оние што функционираат во европските земји. Добар пример е Шведска, каде што основниот принцип е едноставен: „Поправај, наместо да заменуваш“. Држава во која и навидум беззначајни мали дрвени бараки подлежат на строга заштита.

    Заштитена од државата: Денес е приватна куќа, а во 1918 г. била првата бакалница на островот Вермдо – Стокхолм

    Одржувањето стари објекти во Шведска главно е базирано на Законот за планирање и изградба (PBL), кој бара исклучително внимателен пристап при интервенциите на згради со културно-историска вредност. Воедно, заштитата е регулирана и преку различни закони и ознаки во општинските детални планови.

    Во јавните насоки за сопствениците стои препораката прво да се истражи историјата на објектот, да се реставрираат старите прозорци и фасади наместо да се заменуваат и да се користат традиционални материјали што одговараат на староста на градбата.

    Исто така, на граѓаните им се препорачува да утврдат дали куќата е заштитена со увид во регистар: на градби; детален план; програма за културна средина преку општинските листи на вредни објекти кои треба да се чуваат, дури и ако сè уште немаат формална правна заштита.

    Шведскиот систем оди и чекор понатаму. Државата и локалните власти обезбедуваат стручна поддршка, а во одредени случаи и финансиски субвенции за реставрација на заштитените градби.

    Македонија има законска рамка која во голем дел не заостанува зад европската. Прашањето не е дали постојат правила, туку дали постои јасна политика државата да го зачува она што самата го прогласува за културно наследство. Случајот со Арапска е уште еден тест за односот кон архитектонскиот и воопшто, историскиот идентитет на Скопје.

    Маја Анастасова

    Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и важат условите опишани на следниот линк.

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично