ПОВЕЌЕ

    Растат пензиите, растат и долговите, но ризик за исплатата – нема, уверуваат од ПИОМ

    Време зa читање: 3 минути

    Нема причини за паника меѓу пензионерите. Редовната исплатата на пензиите не е загрозена, а пензионерите немаат проблеми ниту при користењето на здравствените услуги – порачаа од Фондот на пензиското и инвалидското осигурување, откако вчера беше објавен конечниот ревизорски извештај на Државниот завод за ревизија за работењето на институцијата во 2024 година.

    „Граѓаните и пензионерите треба да бидат уверени дека финансиската стабилност на Фондот, редовната исплата на пензиите, непреченото функционирање на пензискиот систем и континуираното обезбедување на здравствените права на пензионерите не се доведени во прашање“, нагласуваат од ПИОМ.

    Во однос на ненамирените обврски кон Фондот за здравствено осигурување и кон вториот пензиски столб, ПИОМ посочува дека се зголемиле како директна последица на најголемото покачување на пензиите во историјата на државата.

    „Со одлуките донесени во изминатиот период, пензиите беа зголемени номинално за околу 7.000 денари месечно за сите 347.000 пензионери. Тоа значи дополнителни средства за пензионерите во износ од околу 30 милијарди денари на годишно ниво.

    Бидејќи придонесот за здравствено осигурување на пензионерите се пресметува како процент од исплатената пензија и изнесува 11,8 проценти од нето исплатената пензија, а делот за вториот столб е 6 проценти од вкупните придонеси за пензиско осигурување, сосема очекувано е со растот на пензиите да се зголемува и обврската по овој основ кон Фондот за здравствено осигурување“, се наведува во соопштението. И се образложува дека „зголемените обврски се директен резултат на повисоките пензии и подобриот животен стандард на пензионерите, а не последица на нарушена финансиска стабилност или нефункционирање на системот“.

    Ова укажување се однесува на ревизорската констатација дека до крајот на февруари годинава ПИОМ должел 136,4 милиони евра за здравствено осигурување на пензионерите, додека кон приватните пензиски фондови останале нераспределени придонеси во вредност од 42,2 милиони евра.

    Исто така, во реакцијата се посочува дека станува збор за редовна годишна ревизија што го опфаќа работењето на ПИОМ во текот на целата 2024 година. Притоа, потсетуваат дека актуелното раководство ја презело должноста во последниот квартал од годината. Или, најголемиот дел од ревидираниот период се однесува на време кога со Фондот управувал претходниот менаџмент.

    Според Фондот, значителен дел од забелешките на ревизорите се однесуваат на системски слабости кои биле констатирани и во претходни ревизорски извештаи. Од актуелното раководство тврдат дека веќе се преземени мерки за подобрување на јавните набавки, внатрешните контроли, финансиското управување и административните евиденции, а воспоставен е и систем на повисока транспарентност и отчетност.

    „Истовремено, преземени се активности за средување на административните евиденции, подобрување на внатрешните контроли, унапредување на финансиското управување, зајакнување на институционалната дисциплина и подобрување на процесите поврзани со управувањето со средствата и имотот на Фондот.

    Фондот на ПИОМ со полна одговорност оценува дека слабостите кои се однесуваат на тековното административно работење и на системот на јавни набавки се веќе надминати, а механизмите воспоставени на крајот на 2024 и во текот на 2025 година, значително го намалуваат ризикот од повторување на констатираните состојби во иднина и ова е нотирано во извештајот на ДЗР во прилот на забелешките од Фондот на ПИОМ“, истакнато е во соопштението.

    Во ревизорскиот извештај, исто така беше нагласена и зависноста на ПИОМ од буџетските трансфери. Во таа насока се наведува дека во 2024 година тие учествувале со 36,71 отсто во вкупните приходи на Фондот и за една година е зголемиле за 4,14 насто. Ревизијата укажа и на влошениот сооднос – на еден пензионер има 1,63 осигуреници, за разлика од претходните 1 спрема 1,70.

     

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично