
Помал промет, понизок приход, а поголем профит – тоа е генералната слика за деловните случувања во нафтениот сектор. Од касите на компаниите „испариле“ речиси 170 милиони евра, но тоа не го попречило растот на добивките.
Во текот на 2025 година, 94 трговски друштва од нафтениот бизнис генерирале вкупен приход од околу 1,3 милијарди евра. Тоа е за 11,3 насто помалку во однос на претходната година. Меѓутоа, заедничката добивка пораснала за 7,57 насто и достигнала 28,7 милиони евра. Секторот успеал да ја подобри профитната маржа и покрај намалениот обем на работа.

Извор: Бизнис Мрежа
Анализата на порталот Пари се фокусира на најголемите и најуспешни компании – 10 по остварените годишни приливи и 10 најпрофитабилни. Користени се податоци од базата на Бизнис Мрежа.
ТОП 10-ТЕ КОМПАНИИ СО НАД 91 НАСТО ОД ПРОМЕТОТ
Десет компании оствариле промет од близу 1,2 милијарди евра. Со тоа, тие се сопственици на повеќе од 91 насто од приходите на целиот сектор. Тој успех е заматен од фактот дека во споредба со претходната година има намалување од 11,85 насто.
Апсолутен лидер и натаму е Окта со реализираните 628,3 милиони евра. Но, неповолните струења не ја одминале ниту оваа компанија, кај која е регистриран пад од 12,82 насто, или инкасирани се околу 92 милиони евра помалку отколку во 2024 година.
Уште поголем пад – од 21,64 насто, е запишан во билансот на второрангираниот Супертрејд. Меѓу седумте приходни остварувања со предзнак минус, најголем негативен пресврт, од 42,92 насто, има кај Омпетрол Оил Петровец, а го следи кавадаречката Црна Река Петрол со пад од речиси 40 насто.
Во неповолните пазарни услови растот успеале да го одржат Пертинакс (+ 31,72 %), Јавор Шпед Оил (+ 16,38 %) и Дади Оил (+ 5,36 %).

Извор: Бизнис Мрежа
Според ваквата поставеност, очигледно е дека под контрола на овие компании е најголемиот дел од пазарот со нафта и нафтени деривати. Притоа, само Окта држи повеќе од половина од приходите на десетте најголеми компании, а заедно со Супертрејд и Дади Оил создаваат над 76 насто.
И ПОКРАЈ ВЛИЈАНИЈАТА, ДОБИВКАТА РАСТЕ
Добивката на десетте најпрофитабилни компании за 2025 година е во износ од речиси 25,1 милион евра. Спротивставувајќи им се на негативните влијанија, постигнала раст од 7,23 насто.
Освен тоа, овие десет нафташи создале околу 87 насто од вкупната добивка на секторот, кој го сочинуваат 94 трговски друштва.
И во овој сегмент убедлива е предноста на Окта со профит од 9,3 милиони евра. Во споредба со 2024 година, заработката е зголемена за 163,66 насто, од 3,5 милиони на 9,3 милиони евра, што претставува најголем апсолутен раст меѓу големите играчи.
Сосем поинаква е состојбата кај Пуцко Петрол. Фирмата од Пласница останува втора со добивката од четири милиони евра, но ја следи негатива од безмалку 70 насто.
Најголемите процентуални скокови се одлика на компании што претходно одработеле со многу ниска добивка. ХИБ Петрол Груп ја зголемила профитабилноста за извонредни над 5.100 насто, а ХАЈ Тауерс за над 4.200 насто.
Силен подем има и кај Пертинакс, чиј профит е повисок за 284 насто и достигнал 2,6 милиони евра.

Извор: Бизнис Мрежа
Во нафтениот бизнис лани се продале помалку литри, но според остварената добивка, секој литар вредел повеќе. Касите не се полнеле како претходната година, но профитот нашол начин да стигне до резервоарите на компаниите.

Маја Анастасова
Лектор: Христина Ангелеска-Мијоска
Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и важат условите опишани на следниот линк.
Аналитика








