ПОВЕЌЕ

    ХИГИЕНИЧАРИ СЕ БАРААТ СЀ ПОВЕЌЕ, а просечната плата им се намалила?!

    Време зa читање: 4 минути

    Зад секој чист влез, уреден ходник и функционална станбена зграда стои бизнис што се развива во сенка на градежниот бум. Одржувањето на хигиената минатата година обезбедило работа за повеќе од 3.100 лица и генерирало приход од речиси 47,3 милиони евра. Но, додека компаниите отвораат нови работни места и заработуваат повеќе, платите во секторот бележат пад.

    Податоците на Бизнис Мрежа за 227 фирми покажуваат дека лани во оваа дејност се отвориле и се пополниле дополнителни 257 работни места, а годишната промена изнесува 8,92 насто. Истовремено, просечната плата се намалила за 2,22 насто, односно загубила малку повеќе од 500 денари.

    Извор: Бизнис Мрежа

    КАЈ ДЕСЕТТЕ НАЈГОЛЕМИ РАБОТОДАВАЧИ РАБОТАТ ДВЕ ТРЕТИНИ ОД ВРАБОТЕНИТЕ

    Од анализата на Пари може да се воочи висока концентрација на работната сила. Десетте компании со најмногу вработени ангажираат вкупно 2.193 лица. Тоа, пак, претставува речиси 70 насто од вкупниот број вработени во дејноста.

    Споредено со претходната 2024 година, овие компании ја зголемиле бројноста на потребниот кадар за 20,36 насто, или за 371 лице.

    Со екипа од 419 вработени најголем работодавач е Серта, а потоа следат Ланд-сервис со 350 и Хаузмајстор фасилити со 262 вработени. Особено се издвојува последната фирма, каде што бројот на работници рапидно се зголемил од 41 на 262. Процентуалниот раст достигнал високи 539 насто и е без конкуренција меѓу компаниите на листата.

    Интересен е примерот и на Техно коп плус од Битола. Со 250 вработени, оваа компанија веднаш се пласирала меѓу најголемите работодавачи во секторот, и покрај тоа што работи од март 2025 година.

    Наспроти тоа, кај неколку фирми има поголемо кадровско намалување. Техно-чист го намалил персоналот за 42,91 насто, а Бапал Благој е носител на најголемиот пад од 46,36 насто, но треба да се напомене дека овој субјект во меѓувреме завршил во стечај.

    Извор: Бизнис Мрежа

    Што се однесува до дарежливоста на овие десет компании кон своите вработени, просечната плата лани се движела од 17.365 денари (Техно коп плус од Битола) до 27.365 денари (Хаузмајстор фасилити од Скопје).

    Чисти влезови, чиста добивка: Со метла заработени 4,5 милиони евра

    МАЛИ ФИРМИ – ВИСОКИ ПЛАТИ

    Ниту една од фирмите што доминираат според бројот на вработени не се наоѓа меѓу десетте најдарежливи работодавачи. И не само тоа, туку рангираните се сосем непознати и од аспект на листите по приход и добивка. Со исклучок на Зорба Б (8. место со приход од 1,8 милиони евра и 5. место со добивка од 185,7 илјади евра).

    Овие десет фирми заедно вработуваат 62 лица. Пет од нив официјално имаат само по еден вработен.

    Во тој ред е Еврочист Македонија од Мралино, каде што лани била исплатена најголемата просечна плата од 68.552 денари. По неа следуваат Џевахир со 60.589 денари (13 вработени) и Екодим со 58.342 денари (9 вработени).

    Најголем процентуален раст на платите има МР клин сервис од Битола. Просечната плата во фирмата е зголемена за 206,81 насто, од 17.938 на 55.035 денари. Тоа се совпаѓа со преполовувањето на вработените, во 2024 година биле двајца, а лани останал еден.

    Висок раст на просекот е остварен и во Пелисар клин од Штип (+ 181,97 %), каде што вработеноста е намалена од тројца на двајца, како и во ЈЈ хигиена плус (+ 139,05 %), која функционира со еден човек.

    Извор: Бизнис Мрежа

    Гледано по бројките, во оваа дејност најдобро поминуваат фирмите – обемот на работа се шири со секоја нова висококатница, приходите се повисоки, добивките растат. А работниците, во најголем дел, веројатно чекаат некоја „генералка“ да ги стигне и нивните месечни примања.

    Маја Анастасова

    Лектор: Христина Ангелеска-Мијоска

    Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и важат условите опишани на следниот линк.

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично