ПОВЕЌЕ

    Божиновска: Зелената транзиција носи предизвици, но и нови можности за развој

    Време зa читање: 3 минути

    Две децении по влезот на ЕВН во македонскиот енергетски сектор, пораката што денес беше испратена од Националната галерија „Чифте амам“ е дека иднината на енергетиката ќе зависи од соработката, инвестициите и подготвеноста за новите предизвици што ги носи зелената транзиција.

    На отворањето на изложбата организирана по повод 20-годишниот јубилеј на ЕВН Македонија, министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска порача дека енергетиката е сектор во кој успехот не е резултат на поединечни напори, туку на партнерство меѓу институциите, компаниите, јавниот и приватниот сектор.

    „Како Министерство за енергетика, рударство и минерални суровини, нашата определба е да градиме стабилен, предвидлив и фер систем – систем кој ќе ги штити интересите на граѓаните, но истовремено ќе биде поттик за нови инвестиции, иновации и развој“, истакна Божиновска.

    Честитајќи го јубилејот на ЕВН Македонија, министерката оцени дека изложбата претставува сведоштво за патот што го поминала македонската енергетика во последните 20 години.

    Според неа, во овој период ЕВН Македонија оставила значаен белег во развојот на електродистрибутивниот систем преку неговата модернизација, дигитализација и унапредување.

    „Тоа е процес кој не се мери само преку бројки и инвестиции, туку и преку подобриот квалитет на услугите и поголемата сигурност за граѓаните“, нагласи Божиновска.

    Таа додаде дека енергетиката денес не претставува само инфраструктура, туку е дел од секојдневниот живот на граѓаните и еден од клучните столбови на современото општество.

    Осврнувајќи се на предизвиците што претстојат, министерката посочи дека секторот се соочува со брзи промени предводени од зелената транзиција, новите технологии, паметните мрежи и обновливите извори на енергија.

    „Живееме во време кога енергетиката се менува побрзо од кога било. Зелената транзиција, новите технологии, паметните мрежи и обновливите извори на енергија се предизвици, но и можности што треба заеднички да ги искористиме. Искуството од изминатите дваесет години не треба да го гледаме само како повод за гордост, туку и како основа за иднината“, порача Божиновска.

    Изложбата во „Чифте амам“ е дел од одбележувањето на 20 години присуство на ЕВН Македонија во земјава и претставува ретроспектива на развојот на компанијата и на промените низ кои поминувал енергетскиот сектор во изминатите две децении.

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично