ПОВЕЌЕ

    Домашните кредитори ќе ја финансираат државата со 2,26 милијарди денари преку три нови обврзници

    Време зa читање: 2 минути

    Три нови државни обврзници во вредност од над 2,26 милијарди денари или 36,8 милиони евра издаде Министерството за финансии и од денес котираат на Македонска берза. Државата ќе се задолжи кај домашните кредитори, а за возврат им дава камата со стапки од 4,3 до 5,2 насто. Емисиите се со датум од 18 јуни, а должничките обврски што ги носат ќе доспеат за отплата во 2028 и во 2041 година.

    „Ве известуваме дека согласно барањето од страна на Министерството за финансии на Република Северна Македонија за котација на државни обврзници, почнувајќи од 23.6.2026 година на Официјалниот пазар на подсегментот Берзанска котација ќе бидат примени на котација државните обврзници…“, информираа од Македонска берза.

    Обврзницата со шифра на тргување M180628 е двегодишна, и без девизна клаузула. Емисијата содржи 38.103 обврзници, вредни 381.030.000 денари (6,2 милиони евра). За нив е предвидена каматна стапка од 4,30 насто.

    Најобемна е втората емисија со 183.685 хартии од вредност, во износ од 1.836.850.000 денари или 29,9 милиони евра. На инвеститорите им носи годишна камата од 5,2 насто, а доспева за отплата по 15 години. Шифрата на тргување е M180641.

    Со девизна клаузула е само најмалата емисија, составена од 4.591 обврзница во вредност од 45.910.000 денари (746,5 илјади евра). И таа има 15-годишен рок на достасување и носи камата од 5 насто, а на Берзата ќе се тргува под шифрата M180641D.

    Номиналната вредност на една обврзница е 10.000 денари.

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично