ПОВЕЌЕ

    Мицкоски: Буџетот се полни според планот, дефицитот годинава ќе биде под 4 проценти

    Време зa читање: 3 минути

    И покрај забелешките дека наплатата на приходите во буџетот заостанува зад планираното, премиерот Христијан Мицкоски тврди дека државната каса се полни согласно предвидената динамика и дека нема простор за загриженост. Во поткастот Каде се парите? со Горан Теменугов, тој порача дека Владата има целосен увид во состојбата и дека проекциите за годинава остануваат стабилни.

    „Буџетот се полни според предвидената динамика. Во овие две години вративме и обезбедивме ликвидност од отприлика 4,6 милијарди евра. Нешто презапишавме, нешто вративме, а нетирано долгот е намален кога се гледа како процент од бруто домашниот производ“, изјави Мицкоски.

    Во разговорот беше отворено прашањето за податоците на Министерството за финансии, според кои приходите во првите месеци од годината се околу три процентни поени под планираното ниво, додека расходите се движеле побрзо од очекуваното.

    Мицкоски одговори дека ваквите пресметки не ја даваат целосната слика:

    „Заклучно со 15 јуни реализацијата на буџетот е околу 43 и нешто проценти. На 15-ти се плаќаат персоналните даноци, а на 25-ти се исплаќа ДДВ. Дополнително, таму не го гледате нетираниот солидарен данок од отприлика милијарда и пол до две милијарди денари, што ние го вративме по одлуката на Уставниот суд“.

    Тој додаде – кога ќе се земат предвид и овие ставки, реализацијата на приходите надминува 44 проценти и дека традиционално најголемата наплата се случува во второто полугодие од годината.

    „Апсолутно, мене оваа состојба не ме загрижува, туку напротив, е многу подобра отколку што беше годините наназад. Тоа е состојба во која одамна не сме биле како држава, практично од короната наваму“, истакна Мицкоски.

    Осврнувајќи се на забелешките за послабата наплата на ДДВ, тој потсети дека во април сè уште биле активни мерките со намалено ДДВ за бензините и дизелот, а воедно се вршело и пребивање на обврските поврзани со солидарниот данок.

    „Сите овие податоци не само што се позитивни, туку покажуваат состојба каква што одамна немаме видено во првата половина од годината“, нагласи премиерот.

    Во однос на буџетскиот дефицит, кој според официјалните податоци во првите месеци е значително повисок од годишната проекција, Мицкоски очекува годината да заврши со резултат подобар од планираното:

    „Под 4 проценти ќе биде буџетскиот дефицит оваа година. Оптимист сум дека може да дојдеме и до 3,7 – 3,8 проценти“.

    Според него, високото ниво на дефицит на почетокот на годината било последица на големите исплати за Бехтел и Енка преку Министерството за транспорт. Од 1 јуни финансирањето повторно се префрла преку Јавното претпријатие за државни патишта, што значи дека трошоците повеќе нема директно да влегуваат во буџетскиот дефицит, туку ќе се евидентираат во јавниот долг.

    „Јавното претпријатие со државна гаранција зема заем од синдикат на македонски банки и преку тој заем ќе ја затвориме фискалната 2026 година“, објасни Мицкоски.

    Осто така, нагласи дека ребалансот на буџетот нема да донесе кратење на расходите, туку напротив, Владата планира благо зголемување поради реализацијата на капитални проекти и инвестиции во општините.

    Осврнувајќи се на Бехтел и Енка, премиерот оцени дека негов најголем недостаток е ограничениот ефект врз домашната економија.

    „На еден вложен долар нам ни се враќаат 0,7 до 0,8 долари во македонската економија, затоа што увезуваме услуги и материјали. Тоа е најголемиот проблем. Но, мораме да го завршиме проектот затоа што веќе се потрошени половина милијарда“, рече Мицкоски.

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично