ПОВЕЌЕ

    ИНТЕРВЈУ I МАРИЦА УГРИНОВСКА БАТКОСКА: Виа Фарм е домашна приказна за здравје, доверба и иновации

    Време зa читање: 9 минути

    Во време кога фармацевтскиот сектор се менува под влијание на новите технологии, зголемените очекувања на потрошувачите и растечката конкуренција, успехот на една компанија сè повеќе зависи од способноста да изгради доверба и долгорочни односи со клиентите. Токму таква приказна е Виа Фарм, домашен бренд што веќе деветнаесет години гради препознатливо место на македонскиот фармацевтски пазар.

    Од локална компанија до современ фармацевтски систем со развиена мрежа на аптеки и силно дигитално присуство, Виа Фарм успева да ги спои традиционалните вредности на аптекарската професија со потребите на модерниот потрошувач. Зад тој развој стои јасна визија за квалитет, достапност и постојано унапредување на услугите.

    За предизвиците во фармацевтскиот бизнис, улогата на довербата во здравствениот сектор, дигиталната трансформација и идните планови на компанијата, порталот Пари разговараше со сопственичката Марица Угриновска Баткоска, која ја предводи Виа Фарм во период на динамичен раст и развој.

    ПАРИ: Компанијата Виа Фарм е препознатлива на фармацевтскиот пазар веќе деветнаесет години. Кои се главните предизвици со кои се соочувате и кои се вашите цели за поголема успешност?

    Угриновска Баткоска: Деветнаесет години во фармацијата се доволно долг период за една компанија да помине низ различни фази: почетоци, раст, кризи, промени на пазарот, нови регулативи, нови технологии и сè поголеми очекувања од пациентите и клиентите.

    За мене, најголемиот предизвик отсекогаш бил ист: како да растеме, а притоа да не ја изгубиме суштината поради којашто луѓето ни ја дале довербата. Во фармацевтската дејност не продавате само производ. Вие сте дел од секојдневната грижа за здравјето на луѓето. Човек влегува во аптека затоа што има потреба, прашање, грижа, а понекогаш и страв. Затоа, за нас најважно било секогаш да обезбедиме стручност, човечки однос, трпение и чувство дека секој клиент е важен.

    Главните предизвици денес се поврзани со одржување висок квалитет во услови на зголемена конкуренција, обезбедување добар и стручен кадар, следење на новите трендови во фармацијата, достапност на производите и постојано вложување во подобра организација. Клиентите се поинформирани, бараат побрза услуга, поголем избор, но и точен совет. Тоа значи дека компанијата мора постојано да се развива.

    Нашата цел не е единствено да бидеме поголеми и побројни, иако и тоа е легитимна заложба. Нашата цел е да бидеме подобри. Поголема успешност за Виа Фарм значи поголема доверба, подобра услуга, посовремен пристап, постручни тимови и уште поголема достапност до граѓаните.

    Во изминатите деветнаесет години научив дека успехот се гради со многу правилни одлуки секој ден: со секој задоволен клиент, со секој точен совет, со секој професионален однос и со секој член на тимот што ја разбира важноста на оваа професија.

    Затоа, нашата визија е јасна: Виа Фарм да продолжи да биде современ, стабилен и доверлив фармацевтски бренд, кој ги следи новите времиња, но не ги заборава основните вредности: стручноста, достапноста, чесноста и грижата за човекот.

    ПАРИ: Какви се Вашите приоритети како лидер на компанијата и како ја гледате улогата на компанијата во создавање долгорочна вредност за своите клиенти и партнери?

    Угриновска Баткоска: Мојот прв приоритет како лидер на компанијата е стабилноста. Не стабилност во смисла на стоење в место, туку стабилност како основа за правилен раст. Во фармацијата не смее да се импровизира. Секој процес, секоја одлука и секој однос со клиентот мора да се темели на одговорност, знаење и доверба.

    Вториот приоритет се луѓето. Компанијата не ја прават просториите, полиците и производите. Компанијата ја прават луѓето коишто секој ден се на првата линија со клиентите. Нашите фармацевти и вработени се лицето на Виа Фарм. Затоа постојано настојуваме да градиме тим што е стручен, љубезен, одговорен и подготвен да помогне. Добриот совет во аптека понекогаш значи исто толку колку и самиот производ.

    Третиот приоритет е довербата. Долгорочна вредност се создава кога клиентот знае дека може да се врати повторно, дека ќе добие точна информација, дека ќе биде услужен со почит и дека зад секоја препорака стои професионалност.

    Во однос на нашите партнери, верувам во долгорочни, коректни и транспарентни односи. Бизнисот што сака да трае не може да се гради врз притисок, случајност или краткорочна корист. Тој се гради со взаемна почит, исполнување на обврските и заедничко разбирање дека квалитетот е најдобрата инвестиција.

    Мојата визија е Виа Фарм да продолжи да расте како компанија што создава вредност на три нивоа: за клиентите, преку сигурна и стручна услуга; за вработените, преку стабилна и професионална работна средина; и за партнерите, преку одговорен и предвидлив деловен однос.

    ПАРИ: Мисијата и визијата на Виа Фарм се засновани на здравје, грижа и иновации. Можете ли да споделите некои досегашни и нови иницијативи или проекти што ја рефлектираат оваа визија?

    Угриновска Баткоска: Кога велиме дека мисијата и визијата на Виа Фарм се засновани на здравје, грижа и иновации, за нас тоа се принципи според кои секојдневно работиме и според кои ја развиваме компанијата веќе деветнаесет години.

    Здравјето е основата на нашата професија. Сè што правиме започнува од потребата на човекот да добие сигурна, точна и стручна поддршка. Затоа, една од нашите најважни заложби низ годините беше поголемата достапност до граѓаните. Сакаме луѓето да имаат аптека во близина, но уште поважно, аптека во која ќе влезат со доверба.

    Иновациите ги разбираме како обврска постојано да се прилагодуваме на новото време. Во таа насока, посебно би ги истакнала вложувањата на Виа Фарм во онлајн пазарењето и во развојот на онлајн аптекарската услуга. Навреме препознавме дека навиките на купувачите се менуваат. Луѓето денес сакаат брза информација, едноставна нарачка, сигурна испорака и можност дел од потребите да ги завршат од дома. Затоа Виа Фарм сериозно вложува во онлајн присуство, веб-продавница, подобра организација на доставата и систем што е практичен, безбеден и достапен за граѓаните низ целата држава. Како прва аптека со национална онлајн достава, покажавме и дека фармацевтската дејност може да се развива во чекор со современите навики на потрошувачите.

    Секојдневно ги следиме новите навики на купувачите. Тие сакаат поголема транспарентност, подобра информираност, полесно пребарување на производите и сигурност дека зад онлајн нарачката стои вистинска аптека, стручен тим и одговорна компанија. Токму тоа е разликата што сакаме да ја направиме.

    Во изминатиот период работевме и на модернизација на комуникацијата со клиентите, проширување на понудата, подобра организација и посовремено искуство и во аптеките и преку дигиталните канали.

    Верувам дека иднината на аптекарската дејност ќе биде комбинација од две работи: силен човечки однос во аптеките и современо дигитално искуство надвор од нив. Виа Фарм сака да биде лидер токму во таа рамнотежа: да ја задржи довербата на класичната аптека, но да ја понуди и практичноста на новото време.

    ПАРИ: Компаниите како Виа Фарм имаат значаен придонес во локалната економија. Како ја гледате улогата на компанијата во поддршка на домашните партнери и развојот на бизнис-заедницата во Македонија?

    Угриновска Баткоска: Улогата на една компанија се мери преку нејзините деловни резултати, но и преку тоа колкава вредност создава околу себе: за вработените, за партнерите, за локалната заедница и за економијата во целина.

    Виа Фарм е компанија што израсна во Македонија, со македонски кадар, со домашни партнери и со доверба од нашите граѓани. Затоа, ние многу добро знаеме дека нашиот успех е поврзан со трудот на многу луѓе: со професионалноста на нашите добавувачи, со квалитетот на домашните компании со кои соработуваме и со довербата на клиентите што секојдневно нè избираат.

    Нашата филозофија е дека силна компанија треба да создава силни партнерства. Во работењето настојуваме да имаме коректен, долгорочен и транспарентен однос со сите наши партнери. Особено ни е важно да ги поддржуваме домашните компании и домашните брендови секогаш кога постои квалитет, сигурност и професионален стандард.

    Ако една компанија создава доверба, отвора можности, поддржува партнери и придонесува за подобра економска култура, тогаш таа има вистинска вредност. Затоа, верувам дека иднината на македонската економија зависи од компании што ќе бидат професионални, одговорни и поврзани со заедницата. Виа Фарм сака да биде токму таква компанија: домашна по потекло, современа по стандард и партнерски ориентирана по начинот на работа.

    ПАРИ: Како се развива компанијата во контекст на современите технологии и дигиталната трансформација?

    Угриновска Баткоска: Виа Фарм навреме препозна дека иднината на фармацевтската дејност нема да биде само во класичниот модел на аптека, туку во комбинација од физичка достапност, стручна услуга и современи дигитални решенија. Затоа вложувавме во онлајн присуство, веб-продавница, подобра дигитална комуникација со клиентите и системи што овозможуваат полесно, побрзо и посигурно пазарење.

    Денешниот купувач сака да биде информиран, сака да споредува, сака да пребарува, сака брз одговор и сигурност дека зад дигиталната услуга стои реална компанија, вистинска аптека и стручен тим. Токму тука ја гледаме нашата предност: кај нас дигиталното искуство не е одвоено од професионалноста, туку е нејзино продолжение.

    За мене е многу важно дигиталната трансформација да не го замени човечкиот однос. Во фармацијата, довербата останува незаменлива. Технологијата може да го забрза процесот, да го олесни купувањето и да ја подобри достапноста, но човечкиот совет, стручноста и вниманието остануваат суштината на оваа професија.

    Затоа, развојот на Виа Фарм го гледаме како рамнотежа меѓу традиционалната доверба и современата технологија. Од една страна, сакаме нашите аптеки да останат места каде што клиентите се чувствуваат сигурно, слушнато и услужено. Од друга страна, сакаме да понудиме модерни дигитални алатки што ќе го направат целото искуство поедноставно, побрзо и подостапно.

    Во иднина ќе продолжиме да вложуваме во дигитални решенија, подобра онлајн услуга, поефикасни системи и посовремена комуникација со клиентите, но секогаш со една јасна цел: технологијата да биде во служба на човекот, а не обратно.

    Катерина Михајлова

    Лектор: Христина Ангелеска-Мијоска

    Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и важат условите опишани на следниот линк.
    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично