ПОВЕЌЕ

    СИРЕЊЕ СО ПАЛМИНА МЕСТО МЛЕЧНА МАСТ, ИЛИ – БЕЗ МАСТ: Дури 10 производители мамеле за составот на своите млечни продукти, имињата не се објавуваат, јавноста револтирана

    Време зa читање: 4 минути

    Сирење со палмова место млечна маст, сирења со декларирана масленост од 20%, а кои во реалноста содржат само 1% мрснотии од млеко. Дел од производителите на сирења и други млечни производи, чиишто мостри испита Агенцијата за храна и ветеринарство, ги мамеле своите потрошувачи со стока која била далеку од декларираниот квалитет, наведен на производите, објави денес АХВ. Јавноста, но и домашните млекопроизводители со силни реакции на објавените резултати за (не)квалитетот на дел од понудата на млечни производи на домашниот пазар, бараат да се обелоденат имињата на млекарниците кои продавале лажно сирење.

    Од земените и лабораториски анализирани 45 мостри од млеко и млечни производи, кај 10 оператори утврдено е дека анализираните примероци не одговараат на одредбите од Правилникот за квалитет на земјоделските производи, односно, со тестирањата констатирано е дека во производите има помал процент на млечни масти од декларираното. Кај еден оператор со храна, со лабораториско тестирање на мостра од одземените 22 килограми ситно сирење, утврдено е дека биле декларирани 20 проценти млечна маст, а производот содржел само 1 процент, за што му е изречена  парична казна од 3 500 евра во денарска противвредност.

    За измама на потрошувачите, уште на осум оператори (производители и увозници) кај кои се утврдени отстапки од ваков вид, односно разлика во декларираниот и реалниот процент на млечна маст во контролираните млечни производиизречени им се казни по 1050 евра во денарска противвредност.

    Кај друг оператор со храна, со тестирањата констатирано е дека во производството на млечен производ користел растителни (палмини) масти, за што му е изречена парична казна од 1300 евра во денарска противвредност. Спорниот млечен производ во вкупна тежина од 500 килограми од овој оператор се повлечени од промет и нештетно уништени на депонија.

    Официјалните ветеринари на Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) земале вкупно 91 мостра од млеко и млечни производи и од сувомесни производи, од домашно производство и од увоз, во рамки на вонредните контроли кои имаа за цел утврдување, дали реално производите по својот квалитет соодветствуваат со означеното на декларациите.

    „ШТО ЈАДЕМЕ, ЧОВЕЧЕ?“

    Млекопроизводителите со реакции на објавените наоди на Агенцијата за храна и ветеринарство. Велат, ние уште пред неколку месеци ги известивме надлежните за она што се случува со дел од млекарниците, но никој не не слушна ниту реагираше. „Пред два и повеќе месеци на медиумите и на средбата со министерот кажавме дека во млечните производи (сирења, кашкавали, јогурти) има се освен млеко и дека се е „палмолив“ и никој не стана да го образложи тоа освен нас иако знаеја сите“, вели Борче Бучински, млекопроизводител, за Зелена Берза. Тој вели дека производите кои сега ги има на пазарот се штетни по здравјето на граѓаните и бара акција од надлежните. „Зошто го труете народот, зошто си ги труете децата, зошто сите молчите кога сите јадете од тоа“, прашува тој.

    Објавените резултати од контролите на АХВ предизвикаа лавина реакции во јавноста, каде граѓаните речиси без исклучок бараат обелоденување на имињата на фирмите производители на лажно сирење и млечни производи со палмина место кравја маст. „Што јадеме, човече? “, „Дали тие фирми имаат име? И, ако масленоста е 1%, што е тогаш во останатите 99%“, се само дел од коментарите, во кои се додава и дека се бараат имињата на производителите заради информираност на потрошувачите, бидејќи „граѓаните треба да знаат,а АХВ е должна да не не информира“.

    „Ни продаваат храна со фејк декларации, АХВ ги казнила ептен јако џанам едните 3500 евра, други по 1000 евра. Која е таа болна идеја да фејкаш декларации? Реално нема зошто да се плашат, казниве се смешни. Но, зошто не ги кажат кои се па ние да ги казниме со некупување? Зошто ги штитиме од народот? Зошто не се објавија и оние што боцкаа филери од Тему? Што е приоритет, здравјето на луѓето или бизнисите на овие што во нормални земји ќе скапеа во затвор за општа опасност? Наслови од типот АХВ казни лево десно се само ПР за тоа дека нешто работат. Вистинска грижа за населението е да кажеш кои се и да останат без купци, па да видиш на другиот што произведува дали ќе му текне вакво нешто“, е коментарот на Ина Многуфина на Фејсбук.

    По резултатите од тестираните примероци млеко и млечни производи земени од поголемите синџии на маркети во земјава, се чека комплетирање и на резултатите за тестираните сувомеснатите производи, за што јавноста дополнително ќе биде известена, информираат од Агенцијата, од каде најавија и дека кај оваа категорија оператори со храна, засилените инспекциските контроли од страна на Агенцијата за храна и ветеринарство ќе продолжат и во наредниот период.

    Ј.Дуковска

    (Фото: E4024 – Own work, CC BY-SA 4.0)

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично