ПОВЕЌЕ

    Политичка пресметка околу тендерите: ВМРО-ДПМНЕ тврди дека „Мастеф“ била фаворит во општини под СДС

    Време зa читање: 2 минути

    Фирмата „Мастеф“ во периодот од 2018 до 2021 година добила повеќе милионски тендери од општини раководени од градоначалници на СДС, соопштија од ВМРО-ДПМНЕ, реагирајќи на денешните обвинувања на СДС поврзани со јавните набавки.

    Од партијата велат дека „кога нешто зборува СДС, добро е да ги согледа сите факти и јавно да им ги презентира на македонската јавност“, додавајќи дека политиката бара доследност и целосно презентирање на фактите.

    Според ВМРО-ДПМНЕ, фирмата „Мастеф ДООЕЛ Скопје“, за која денеска зборувал СДС, била една од компаниите што најчесто добивале тендери од повеќе скопски општини во периодот кога тие биле под раководство на кадри на СДС.

    Во партиското соопштение се наведува дека во 2018 година „Мастеф“ добила седум тендери од Општина Карпош во вредност од 9.569.788 денари. Во 2019 година, пак, компанијата добила пет тендери од општините Карпош и Аеродром, во вкупна вредност од 10.320.508 денари.

    Од ВМРО-ДПМНЕ тврдат дека во 2020 година во доделувањето тендери се приклучила и Општина Кисела Вода, при што фирмата од општините Аеродром, Карпош и Кисела Вода добила вкупно осум тендери во вредност од 50.265.142 денари.

    За 2021 година, според нивните информации, трите општини и доделиле на компанијата шест тендери во вкупна вредност од 47.100.000 денари.

    Од партијата го повикаа, како што велат, „таканаречениот антикорупциски тим на СДС“ да го прошири опсегот на анализите и да ги испита сите тендери што оваа фирма ги добила од институции раководени од кадри на СДС.

    Во однос на јавните набавки за кои говори СДС, од ВМРО-ДПМНЕ посочуваат дека „сè е согласно закон и избрани се најповолните понуди, како што предвидува законот“.

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично