Изменет е ликот на штипската економија. Некогашниот текстилен центар денес има многу поширока бизнис-мапа, на која се лоцираат металната индустрија, техничкиот текстил, логистиката, телекомуникациите… Од таа база на индустрии насочени кон извоз, технолошко производство и услуги со повисока додадена вредност, минатата година произлегле приходи од речиси 720 милиони евра и добивка од 61 милион евра.
Тоа се вкупните достигнувања на 1.826 трговски друштва од Штип, поставени на повисоки прагови во однос на 2024 година. Вкупниот приход на штипските компании се зголемил за 7,04 насто, а профитабилноста за безмалку 12 насто. Истовремено, бројот на вработени се намалил за 0,69 насто, односно за 93 лица.
Извор: Бизнис Мрежа
ДЕСЕТ КОМПАНИИ НАПРАВИЛЕ ВКУПЕН ПРИХОД ОД 252,4 МИЛИОНИ ЕВРА
Како и во повеќето градови низ Македонија, така и во Штип опстојуваат илјадници фирми. Но, со обемот на деловната активност и остварувањата се издвојуваат десетина, кои го претставуваат главниот потпорен столб на локалната економија.
На пример, најголемите десет компании генерираат повеќе од една третина од вкупниот приход во штипската економија. Минатата година била поповолна и приходот се зголемил за речиси десет насто – на 252,4 милиони евра.
Најголемиот удел го дава Актива. Компанијата, како една од најпрепознатливите во металната индустрија и градежништвото, направила приход од 45,3 милиони евра, зад кој стои позитивна промена од безмалку девет насто.
Италијанската инвестиција во ТИРЗ Штип, Кондево МК, од производството на софистицирани топлотни разменувачи за бојлери инкасирала 39,9 милиони евра. Фабриката е дел од глобален синџир на добавувачи за светски производители и е единствената во ова друштво со пад на приходот (– 2,32 %).
Меѓу најголемите компании според приходот од 37,5 милиони евра е и Оаза екстра-скопско, фирма што повеќе од две децении е присутна во трговијата со пијалаци.
Со процентуалниот раст од речиси 42 насто се истакнува Техникал текстајлс (30,5 милиони евра). Малку недостигало фабриката за технички текстил и компоненти од фиберглас за автомобилската, градежната и авионската индустрија неместо во Штип, да работи некаде во Абу Даби. Врз промената на одлуката на германскиот инвеститор влијаел новинарски текст за Македонија. Инаку, компанијата има капацитети и во Германија, Словачка и Кина.

Извор: Бизнис Мрежа
НЕМА ДОБИВКА ПОД ЕДЕН МИЛИОН ЕВРА
Најпрофитабилните штипски компании имаат годишни заработки што се изразуваат во милиони евра. Преклани некои броеле стотици илјади, но ефикасноста од работењето е издигната на повисоко ниво. Оттаму, вкупната добивка на најуспешните десет е повисока за 30,77 насто, односно се зголемила од 18,2 милиони на 23,8 милиони евра.
Најголемата добивка од 6,3 милиони евра е на Езимит капитал, која се занимава со изнајмување и управување cо недвижен имот. Дел е од домашната групација Езимит, која инвестира во недвижности, туризам, винарство, обновливи извори на енергија и медицина, не само во Македонија, туку и во регионот.
Второрангирана е Техникал текстајлс со добивка од 6,2 милиони евра, која е зголемена за 47 насто.
Две компании успеале да го зголемат профитот повеќе од двојно. Национално препознатливиот телекомуникациски бренд Телекабел забележал раст од 127,73 насто. Од 707,9 илјади евра во 2024 година профитот скокнал на 1,6 милиони евра во 2025 година.
Добивката, пак, на Нико-2002 е повисока за 117,23 насто. Заштитното друштво за вработување инвалидни лица, кое дејствува во трговијата со автомобили и моторни возила, заработило 1,1 милион евра.
Намалениот приход се одразил врз профитот на Кондево МК со пад од 17,88 насто. Повторно, ова е единствената компанија меѓу топ 10-те компании чијашто добивка (1,5 милиони евра) е обележана со предзнак минус.
Извор: Бизнис Мрежа

Маја Анастасова
Лектор: Христина Ангелеска-Мијоска
Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и важат условите опишани на следниот линк.
Аналитика








