
Додека Блискиот Исток повторно се наоѓа на работ на поширока регионална криза, вниманието на светот сега се насочува кон Пекинг, каде американскиот претседател Доналд Трамп треба да се сретне со кинескиот лидер Си Џинпинг во обид да добие поддршка за едно од најчувствителните прашања во моментот – Иран и затворањето на Ормускиот теснец.
Средбата доаѓа по неколкунеделни неуспешни обиди Вашингтон да ја убеди Кина да го искористи своето влијание врз Техеран за да го принуди да ги прифати американските услови за ставање крај на двомесечната војна, или барем повторно да овозможи нормален поморски сообраќај низ теснецот преку кој пред конфликтот минуваа околу 20 проценти од светската сурова нафта.
Трамп во изминатиот период испраќаше измешани сигнали кон Пекинг. Од една страна ја критикуваше Кина дека не прави доволно за да го смири Иран, а од друга признаваше дека кинеската дипломатија одиграла улога во враќањето на Техеран на преговори за прекин на огнот кога разговорите биле во застој.
Сепак, и покрај важноста на средбата, Белата куќа веќе ги намали очекувањата дека Си ќе направи драматичен пресврт во кинеската политика кон Иран. Наместо тоа, администрацијата на Трамп очигледно се обидува кризата да не ги наруши пошироките односи со Пекинг, особено во момент кога двете сили се обидуваат да избегнат нова трговска војна и да продолжат соработката околу чувствителни прашања како фентанилот и трговските бариери.
„Не сакаме ова да стане тема што ќе ги уништи пошироките односи“, порача американскиот трговски претставник Џејмисон Грир.
Во меѓувреме, Вашингтон дополнително го зголеми притисокот врз Кина. Стејт департментот воведе санкции против три кинески компании обвинети дека обезбедувале сателитски снимки за ирански напади врз американски сили на Блискиот Исток. Американското Министерство за финансии претходно санкционираше и кинески рафинерии осомничени за купување иранска нафта.
Пекинг остро реагираше, оценувајќи ги санкциите како „нелегален едностран притисок“ и активираше закон донесен уште во 2021 година, кој им забранува на кинеските компании да ги почитуваат американските санкции.
Иако Кина јавно повикува на мир и дипломатско решение, аналитичарите сметаат дека Пекинг внимателно балансира меѓу поддршката за Иран и избегнувањето директен судир со САД. Кина е најголемиот купувач на иранска нафта и има сериозен интерес да спречи подлабока нестабилност во регионот, особено поради зависноста од енергенси од Блискиот Исток.
Според експертите, Пекинг испраќа „суптилни сигнали“ и до Техеран и до Вашингтон – незадоволен е од затворањето на Ормутскиот теснец, но истовремено не сака да биде перцепиран како сојузник на американската политика.
Токму затоа кинеското раководство се обидува да остане претпазливо. „Не сакаат да бидат вовлечени во нешто што не го сметаат за свој проблем“, оценува Ахмед Абудух од „Чатам Хаус“.
Во позадина на сè стои и економијата. И Кина и САД имаат силен интерес да избегнат ново влошување на односите. Минатата година двете сили беа на чекор до голема царинска војна, откако Вашингтон воведе царини од 145 проценти за кинески производи, а Пекинг се закани со ограничување на извозот на ретки метали важни за американската индустрија.
Иако двете страни подоцна постигнаа кревко примирје, тензиите никогаш целосно не исчезнаа. Дополнителна нервоза предизвикаа и информациите дека Кина би можела да испорача нови системи за воздушна одбрана на Иран, по што Трамп се закани со нови царини, пред подоцна да ја повлече заканата.
Сега, во пресрет на средбата во Пекинг, и Вашингтон и Пекинг внимателно ја мерат секоја порака. Трамп сака Кина да помогне околу Иран без да ги загрози трговските договори, додека Си настојува да ја покаже Кина како глобална сила која не прифаќа диктат од САД, но истовремено нема интерес од нова економска конфронтација.
Аналитичарите сметаат дека токму тоа ќе биде најголемиот предизвик на средбата – како двете суперсили да соработуваат околу една од најопасните светски кризи, без притоа да влезат во нов геополитички судир.
(Фото: архива, The White House)
Аналитика








