ПОВЕЌЕ

    ОХРИД НЕ ЖИВЕЕ САМО ОД ТУРИЗАМ: Индустријата и трговијата ја движат економијата

    Време зa читање: 4 минути

    Охрид најчесто се поврзува со туризмот, угостителството и сезонската економија, но финансиските податоци покажуваат многу поширока и посилна бизнис-структура. Зад туристичката слика на градот стои развиена индустриска база во која доминираат автомобилската индустрија, металопреработувањето, трговијата, производството, енергетиката и рециклажниот сектор.

    Анализата на „Пари“, во соработка со „Бизнис мрежа“, покажува дека водечките компании во Охрид во 2025 година оствариле вкупен приход од 447,3 милиони евра, што е раст од 41,7 насто во споредба со 2024 година, кога приходите изнесувале 315,7 милиони евра. Уште посилен е растот кај добивката. Десетте најпрофитабилни компании заработиле 29,35 милиони евра, што е речиси двојно повеќе од претходната година, односно раст од 94 насто.

    ПРИХОДИ ОД 12,3 МИЛИОНИ ДО 244,8 МИЛИОНИ ЕВРА

    Со остварениот приход од 244,8 милиони евра, Костал Македонија убедливо е на врвот меѓу охридските компании, со раст од 64,35 насто во однос на претходната година. Самостојно, компанијата генерира повеќе од половина од вкупниот приход на водечката десетка, што јасно ја покажува нејзината тежина во локалната економија.

    Второто место ѝ припаѓа на ЛТХ Леарница, компанија од металопреработувачката индустрија, со приход од 37,1 милион евра и умерен раст од 6,55 насто.

    Но, најголемото изненадување за 2025 година е Ренарда, компанија што се занимава со трговија на големо co кафе, чај, какао и зачини, која го зголемила приходот од 11 на 32,8 милиони евра, што претставува раст од речиси 198 насто. Со тоа Ренарда е една од најбрзорастечките компании во охридската бизнис-елита.

    Позитивни движења има и кај неколку други компании што годинава бележат солиден раст на приходите. Градежната компанија Топлина го зголемила приходот за 45,72 насто и достигнала 18,8 милиони евра. Инаку, оваа фирма треба да ја гради катната гаража во Охрид што се најавуваше многу децении.

    Меѓу компаниите со поизразен раст е и туристичката агенција ДМЦ Балканс, која лани го зголемила приходот за 23,22 насто, достигнувајќи 13,4 милиони евра.

    Силен раст бележи и маркетот Тамаро, кој со дејност во малопродажба остварил промет од 16,9 милиони евра, што е зголемување од 20,14 насто.

    Во оваа десетка, само една компанија бележи пад на приходот. Тоа е Отпад, компанија за преработка на отпадоци и производство, каде што приходот се намалил за 9,39 насто, од 29,1 на 26,4 милиони евра.

    Извор: Бизнис мрежа

    КОСТАЛ ГО ПРЕДВОДИ ПРОФИТНИОТ БРАН

    Уште поимпресивни се резултатите кај добивката. И тука убедлив лидер е Костал Македонија. Компанијата ја зголемила добивката од 1,8 на 7,6 милиони евра, што претставува раст од над 310 насто. Тоа е најголем апсолутен скок меѓу сите водечки компании и јасен сигнал дека автомобилската индустрија станува главен двигател на охридската економија.

    Второто место го држи ЛТХ Леарница со 4,9 милиони евра добивка и стабилен раст од 19,22 насто, додека трета е АСП-ПАК со 3,03 милиони евра, иако таму има пад од 12,33 насто.

    Еден од најинтересните профитни скокови ланската година беше забележан кај ИНА Трејд-Лоте – фирма за ископ на минерални суровини, чија добивка пораснала од само 43,2 илјади евра на 2,6 милиони евра, што е раст од над 6.000 насто. Веднаш зад неа е Ренарда, која со трговија на кафе, чај, какао и зачини направила профит повисок од 625 насто.

    Во листата на најпрофитабилни компании годинава се појавува и Охрид Органицс, компанија од прехранбениот сектор, која веднаш влегува со добивка од 1,8 милиони евра.

    Според анализата, заклучуваме дека градот што со години се поврзуваше речиси исклучиво со туризмот, сè повеќе добива индустриски и производствен карактер.

    Извор: Бизнис мрежа

     

    Катерина Михајлова

    Лектор: Христина Ангелеска-Мијоска

    Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и важат условите опишани на следниот линк.
    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично