
Добивката на ЕВН Македонија во изминатите две децении не завршила надвор од државата, туку целосно била вратена назад во домашната економија преку инвестиции, модернизација и развој. Ова е еден од клучните заклучоци во социо-економските студии изработени од Економскиот факултет и Факултетот за електротехника и информациски технологии при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ – Скопје, по повод 20 години присуство на ЕВН на македонскиот пазар.
Анализите покажуваат дека во периодот од две децении ниту едно евро од добивката не било исплатено кон матичната компанија, што значително отстапува од просечната пракса кај странските инвеститори во земјава, кои во просек трансферираат околу 70 проценти од добивката надвор од државата. Наместо тоа, ЕВН Македонија целокупната добивка ја насочила кон нови вложувања во земјата – во електродистрибутивната мрежа, современи технологии, обновливи извори на енергија, дигитализација и подобрување на услугите за корисниците.
Студијата ја нагласува и пошироката економска улога на компанијата, посочувајќи дека за секое едно евро потрошено за набавки, македонската економија генерира дополнителни 0,58 евра вредност. Во изминатите 20 години реализирани се инвестиции во висина од 837,46 милиони евра, при што биле изградени 5.561 километри нова мрежа и реконструирани дополнителни 3.056 километри постојна инфраструктура. Во истиот период поставени се 1.368 нови и модернизирани 1.761 трафостаници.
Покрај инфраструктурниот развој, анализата нотира и значителни промени во корпоративното управување и дигиталната трансформација на компанијата. Учество на жени на раководни позиции достигнува 29,1 проценти, загубите во мрежата се намалени од 24 на 14 проценти, а речиси половина од сите трансакции – 49,7 проценти – денес се реализираат преку дигитални канали.
Наодите од студијата беа презентирани на 29 април во Скопје, во рамки на панел-дискусија модерирана од проф. д-р Никица Мојсова-Блажевски. Во дискусијата учествуваа проф. д-р Кирил Јовановски и проф. д-р Александра Јанеска-Илиев од Економскиот факултет – Скопје, како и проф. д-р Александра Крколева-Матеска и проф. д-р Мирко Тодоровски од ФЕИТ, кои ги анализираа ефектите од работењето на ЕВН врз македонската економија и енергетскиот сектор во последните 20 години.
Аналитика








