Има добро вино и ракија, но и терен погоден за развој на други бизниси. Кавадарци и во 2025 година ја држи позицијата на индустриски и извозно ориентиран центар, со речиси непроменето ниво на приходи и раст на профитабилноста. Низ призмата на бројките – остварен е вкупен приход од 954,7 милиони евра и 68,7 милиони евра добивка. Тоа е билансот од финансиските извештаи на 1.729 компании.
Резултатите се поволни, без оглед на тоа што има и по некој минус. На пример, приливите на средства се пониски за половина процент, а кај вработеноста има пад од 7,6 насто. Но, профитот е поголем за 6,26 насто.
Во градот што зафаќа најголем дел од Тиквешијата работата ја носат десетина компании, односно нивните достигнувања го креваат општиот просек. Тоа може да се увиди и од анализата на Пари, во која се содржани податоците за фирмите од базата на Бизнис Мрежа.

Извор: Бизнис Мрежа
НАД ПОЛОВИНА МИЛИЈАРДА ЕВРА – ПРИХОДИ НА ТОП 10-ТЕ КОМПАНИИ
Десетте најголеми компании генерирале 544,8 милиони евра приход или 57 насто од вкупните приливи на сите компании во Кавадарци. Кога ќе се спореди со остварувањето од 2024 година, забележлива е негативна разлика од 3,66 насто.
Најдобриот играч, пак, во Тиквешкиот Регион, самостојно учествува со 19,3 насто. Од спроведените деловни активности, ИГМ-Трејд лани инкасирал 184,5 милиони евра, за 5,96 насто повеќе од преклани. Компанијата на Илија Гечев е меѓу најголемите производители на челични производи во ЈИЕ и воедно се вбројува меѓу најголемите домашни извозници. А, самиот Гечев е еден од ретките македонски бизнисмени што се нашол на листа на најбогатите во регионот според вредноста на компаниите.
Со респектабилен, но сепак со износ понизок за осумдесетина милиони, второто место го зазема ДММ Дрекслмајер. Првата фабрика во Македонија на реномираната германска групација лани остварила приход од 99,9 милиони евра (– 5,75 %). Воедно, таа е една од четирите компании што евидентирале пад на приходната страна.
Речиси константни се приливите (+ 1,58 %) на Винарската визба Тиквеш. Компанијата што располага со илјадници хектари лозови насади и има годишна продажба од 15,3 милиони литри вино во шишиња, 2025 година ја заокружила со приход од 61,5 милиони евра.
Со процентуален раст од над 35 насто, водечка во ова друштво е Стил-М АБЦ. Од продажбата на металуршки материјали, челични лимови, технологии, компанијата основана во 2021 година, лани заработила 17 милиони евра.
Од друга страна, со највисок пад од 39,8 насто се соочиле во Црна Река Петрол. Нафтениот бизнис – дистрибуција, транспорт и продажба на нафтени деривати обезбедил приливи од 51 милион евра. Една година претходно, во ставката приход била внесена сумата од 84,7 милиони евра.

Извор: Бизнис Мрежа
НАЈПРОФИТАБИЛНИТЕ ДРЖАТ 65,6 НАСТО ОД ДОБИВКАТА
Концентрацијата кај профитот е уште поголема отколку кај приходот. Десетте најуспешни компании, со остварените 45,1 милион евра зафаќаат 65,6 насто од вкупната добивка на над 1.700 кавадаречки трговски друштва. Нивната профитабилност се зголемила за безмалку 12,2 насто или за околу 5 милиони евра.
И повторно доминира ИГМ-Трејд. Од сета добивка, 37,7 насто се на оваа компанија. Со своите 25,9 милиони евра (+ 10,49 %) во десетте најпрофитабилни има удел од високи 57,4 насто. Сето тоа доволно кажува за улогата на ИГМ и во локалната и во домашната економија.
Освен вистина, во виното има и профит. Винарницата Тиквеш е втора во Кавадарци со заработените 5,9 милиони евра (+ 31 %).
Ефикасна е и работата со експлоатација на минерални суровини. Добивката на Машинокоп ресурси направила годишен скок од 83,5 насто, од 2,2 на 4 милиони евра. Но, наспроти тоа, Машинокоп групација го регистрира најголемиот пад од 66,37 насто. Инаку, Машинокоп на бизнисменот Лазар Пончев е позната и по тоа што пред некоја година со 49 насто влезе во грчката ЕЛТЕК.
И во овој сегмент најголемиот исчекор го има направено Стил-М АБЦ. Забележан е годишен раст од 155,55 насто и сума којашто од 357 илјади достигнала до 913 илјади евра.
Намалена добивка има уште кај две компании: Дрекслмајер (– 4,94 %) и Нефроплус (– 32 %).

Извор: Бизнис Мрежа
Бизнис-можностите можеби се предодредени со името на градот, кое се смета дека потекнува од грчкиот збор kavadion со значење – наметка од скапоцена ткаенина. Порано во Кавадарци се изработувале такви ткаенини, а сега градот се истакнува во индустријата, металургијата, винарството.

Маја Анастасова
Лектор: Христина Ангелеска-Мијоска
Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и важат условите опишани на следниот линк.
Аналитика








