Дизелот поевтинува за 2,5 денари, а бензините поскапуваат за 2 денари по литар. Регулаторната комисија за енергетика донесе нова одлука, со која малопродажните цени на нафтените деривати во просек се зголемуваат за 0,40 насто.
Намалување од 1 денар има и кај екстра лесното масло за домаќинство, додека мазутот бележи благо зголемување.
Со тоа, новите максимални цени ќе изнесуваат: еуросупер БС-95 – 82,50 денари за литар; еуросупер БС-98 – 84,50 денари за литар; еуродизел – 91,50 денари за литар; екстра лесно масло – 96,00 денари за литар; мазут – 46,656 денари за килограм.
Од РКЕ посочуваат дека ваквите корекции се резултат на движењата на референтните цени на светските пазари:
„Референтните цени на нафтените деривати на светскиот пазар во споредба со претходната пресметка бележат зголемување во просек: кај бензините за 4,268%, кај дизелот има намалување за 3,760%, кај екстра лесното масло намалувањето е за 1,528% и кај мазутот има зголемување за 1,117%. Курсот на денарот во однос на доларот во изминатиот период по кој беа формирани цените со претходната пресметка е понизок за 0,0452%“.
Како и досега, станува збор за максимално дозволени цени, што значи дека трговците можат да ги формираат и на пониско ниво. Новите цени стапуваат на сила по полноќ.
Аналитика








