
Енергетската транзиција не може да се води само со стратегии на хартија, туку бара политички одлуки, инвестиции и силна меѓународна координација, порача министерката за енергетика, рударство и минерални суровини Сања Божиновска на UNECE Resource Management Week 2026.
Во обраќањето пред високи претставници, експерти и креатори на политики, Божиновска оцени дека глобалните предизвици, од климатските промени до енергетската безбедност, не можат да се решаваат изолирано и дека одржливото управување со ресурсите станува суштински дел од економската отпорност.
Таа посочи дека Македонија во меѓувреме прави институционални и инфраструктурни чекори за да ја засили сопствената енергетска позиција, при што како значаен исчекор го издвои формирањето на Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини.
Според неа, станува збор за стратешка, а не административна одлука, со која енергетиката се поставува во центарот на националните политики.
Како дел од тие политики, министерката ги посочи проектите за гасно поврзување со Грција и планираната интерконекција со Србија, оценувајќи дека тие се важни и за енергетската безбедност и за регионалната интеграција.
Паралелно, фокусот останува и на инвестиции во обновливи извори, особено во соларни и ветерни капацитети, како и на мерки за енергетска ефикасност. Во рударскиот сектор, како што посочи Божиновска, акцентот е ставен на одговорно и одржливо користење на ресурсите во согласност со меѓународните стандарди.
Значаен дел од пораката беше посветен и на меѓународната соработка, која министерката ја оцени како неопходна во услови на забрзана енергетска трансформација.
„Меѓународната соработка не е опција, таа е неопходност“, порача Божиновска, нагласувајќи дека преку партнерства, размена на знаење и усогласени политики може да се забрза транзицијата и да се намалат ризиците.
Во тој контекст, таа потсети и дека Македонија беше домаќин на 14-тиот Меѓународен форум за енергија и одржлив развој во Скопје, што, според неа, дополнително ја позиционира земјата како регионален партнер во дебатите за енергетската иднина.
Пораката од форумот, како што произлезе од нејзиното обраќање, е дека енергетската сигурност, одржливоста и инвестициите сè повеќе се третираат како дел од истата стратешка равенка, а брзината на одлуките ќе биде подеднакво важна како и самите политики.
Аналитика








