
Не секоја технолошка револуција има своја прва жртва што толку јасно се гледа. Кај вештачката интелигенција, многумина сè уште дебатираат кој сектор ќе биде најсилно погоден. Но за многу аналитичари, една компанија веќе се издвојува како првиот драматичен пример. Тоа е Chegg.
Компанијата што во екот на пандемијата беше миленик на Волстрит, со пазарна вредност од околу 14,7 милијарди долари, денес вреди само дел од тоа, околу 156 милиони долари, што претставува пад од речиси 99 проценти.
Падот е толку длабок што Chegg сè почесто се споменува како можеби првата голема компанија чиј бизнис модел директно го поткопа генеративната АИ.
Иронијата е во тоа што Chegg не пропадна затоа што производот му беше лош. Со години компанијата градела профитабилен модел околу она што милиони студенти го бараат, помош со домашни задачи, туторинг, објаснувања и пристап до образовни содржини преку претплата.
Потоа се појави OpenAI со ChatGPT. И вредносната понуда на Chegg одеднаш почна да изгледа поинаку. Зошто студент би плаќал месечна претплата за одговори, ако добива бесплатни или поевтини објаснувања од АИ асистент, често побрзо и пофлексибилно?
Токму тоа, според самата компанија, почнало да се чувствува уште во 2023 година, кога Chegg јавно призна дека наглиот раст на ChatGPT влијае врз новите корисници. Тогаш акцијата се урна за речиси 50 проценти во еден ден.
Но АИ не беше единствениот удар. Проблемот дополнително се продлабочи со промени кај пребарувањето и намалување на сообраќајот, што дури доведе и до тужба на Chegg против Google поради АИ-прегледите во пребарувачот.
Во меѓувреме следуваа отпуштања, реструктурирања и обиди за пресврт. Во 2025 компанијата отпушти околу 22 проценти од вработените, а подоцна следуваше уште подлабоко кратење на речиси половина од персоналот. Самата компанија во еден момент директно зборуваше за „новите реалности на АИ“.
Она што ја прави приказната на Chegg толку значајна не е само падот на една edtech фирма. Туку што покажува колку брзо АИ може да го еродира моделот на компанија чија основна услуга е – информации. Во многу индустрии АИ ветува продуктивност. Во некои, очигледно, станува директна конкуренција. И токму тука Chegg се претвори во предупредување за многу други компании чии бизниси зависат од посредување знаење – од образование, до медиуми, правни услуги и консалтинг.
Прашањето повеќе не е дали АИ ќе менува бизнис модели. Прашањето е кој следен ќе се најде на листата на компании што предоцна сфатиле дека нивната најголема конкуренција не е друг стартап – туку алгоритам.
(Фото: Unsplash)
Аналитика








