Нецели три месеци од датумот на одржување на годишниот состанок на Комитетот за Светско наследство на УНЕСКО во Јужна Кореа, македонските власти добија потсетување од ЕУ амбасадорот во нашата земја, Михалис Рокас за незавршените домашни задачи на планот на исполнување на препораките на УНЕСКО од претходната сесија на Комитетот, со кои на Македонија ѝ беше дадена уште една шанса да ги поправи состојбите на планот на заштитата на природното и културно наследство на Охридскиот регион или да се соочи со прогласување на Охридското Езеро за светско добро во опасност.
Менаџирањето со отпадот и третманот на отпадните води се меѓу клучните приоритети за Европската Унија со цел Охрид и Струга да го задржат статусот на УНЕСКО, истакна во таа прилика евроамбасадорот Рокас по средбата со градоначалникот на Општина Струга, Менди Ќура.
Како сериозен проблем на средбата било отворено и прашањето за испуштањето непречистени канализациски води во езерото, што директно влијае врз животната средина и врз обврските што државата ги има кон УНЕСКО.
ДЕПОНИЈАТА БУКОВО – ЕДНА ОД РАК-РАНИТЕ НА ОХРИДСКИОТ РЕГИОН
Имплементацијата на препораките на УНЕСКО за природното и културното наследство на охридскиот регион останува недоволна, се вели и во Извештајот за напредокот на Северна Македонија од 2025 година, а оваа иста забелешка со години се провлекува низ извештаите за напредокот на Северна Македонија во евроитегративните процеси.
Охридската депонија Буково и натаму останува ‘рак рана’ за охридскиот регион. Изминатава недела повторно гореше сметот, а сега иако пожарот е локализиран има големи количини на природен гас, метан кој гори.
Депонијата Буково требаше да биде затворена уште во 2020 година, но таа е се уште во употреба бидејќи се чека да започне со работа регионалната депонија во Новаци каде ќе се одлага отпадот од повеќе региони. Како што со години тапка во место воспоставувањето на регионалните депонии, така и Буково со години го загадува Охридскиот регион.
Еколошките здруженија со години алармираат дека депонијата Буково е најголемиот загадувач на воздухот и животната средина и бараат што поскоро да се изгради регионална депонија.
Министерот за животна средина и просторно планирање Муамет Хоџа најави дека е во тек предавање на механизација и опрема на општините кои во иднина ќе треба самите да го собираат отпадот на својата територија, а потоа да го носат на обработка и депонирање на регионалната депонија во Новаци.
Изградбата на регионална депонија кај Новаци се најавува години наназад, а истовремено е една од главните препораки во извештајот на УНЕСКО.
Според еколошкото здружение Збогум Буково, иако инспекциските служби на Општина Охрид редовно се на терен, се соочуваат со сериозни опструкции од државни институции при спроведување на казнени мерки за правни и физички лица кои нелегално одлагаат отпад.полицијата во текот на 2025 година нема поднесено ниту една пријава ниту изречено казна во оваа област. Извештаите на екологистите зборуваат и дека Охрид има околу 60 диви депонии, а нема систем за селекција и интегрално управување со отпад.
КОЛЕКТОРСКИОТ СИСТЕМ – ЕМ НЕДОВОЛЕН ЕМ ДИВОГРАДБА
Колекторскиот систем што треба да го штити Охридското Езеро од урбано загадување е во сериозно нефункционална состојба. Озгора на тоа и дивоградба, утврдиле државните ревизори. Колекторот е зграден за време на поранешна Југославија и пуштен во употреба во 1988 година, но во моментов инфраструктурните објекти на колекторскиот систем во Охридското Езеро-цевковод, пумпни станици и пречистителна станица, односно се уште не се запишани во Катастарот на недвижности.
Колекторскиот систем е составен од цевковод од 40.9 километри, во кој 14 пумпни станици со полжести пумпи ги транспортираат отпадните води кон пречистителната станица Враништа. Но, тој никогаш не беше довршен и како резултат на тоа ни оддалеку не ги задоволува потребите на собирање и одведување на отпадните води на Охрид, Струга, населените места и туристичките капацитети на охридското крајбрежје, а одамна ниту стандардите за третман на отпадни води.
Повеќе истражувања изминативе години покажаа дека колекторот протекува и дека отпадните води се излеваат во езерото, додека бројни домаќинства и цели населби, како што е Трпејца, дополнително загадуваат со тоа што воопшто не се приклучени на системот.
Поради тоа се случува и на дел од најатрактивните туристички локации во Охрид, туристите да сведочат како фекални води директно се слеваат во езерото, додека институциите со години бараат средства за санација. За ова постојано укажуваат и граѓани и граѓански здруженија. Анализите на Хидробиолошки завод Охрид покажуваа високо ниво на фекално загадување на водата, со присуство на бактерии како фекални колиформни бактерии, фекални стрептококи и Ешерихија коли, кои се индикатор за контаминација од отпадни води.
ИЛЈАДНИЦИ ДИВОГРАДБИ КОИ ИНСТИТУЦИИТЕ НЕ ГИ ГЛЕДААТ
Откако Охридскиот Регион, но и македонската Влада лани добија трета шанса од Комитетот за светско наследство на УНЕСКО во Париз, кој на минатогодишниот состанок го одложи ставањето на Охридскиот Регион на Листата на светски културни и историски наследства во опасност и наложи имплементација на цела листа препораки, работите на терен изгледаат како да не се помрднале од мртва точка, барем кога се во прашање дивоградбите.
Во препораките на УНЕСКО во поглед на проблемот со дивоградбите, дословно се вели: „(Комитетот за светско наследство) понатаму го повторува своето барање до државата-страна Северна Македонија дека:...Да се спроведе систематска проценка, врз основа на јасни критериуми, на негативните влијанија од бесправните градби, со донесување одлуки за елиминирање или ублажување на негативните ефекти, вклучително и отстранување на бесправните градби или нивни делови…“
„Со координирана интерсекторска дипломатска активност успеавме да добиеме дополнителен период и да почнеме со имплементирање на тие препораки“, изјави тогаш премиерот Христијан Мицкоски. Тој најави дека ќе се ангажира фирма која ќе ги урне дивоградбите во Охрид, а особено оние кои имаат одобрение за реконструкција, а прераснуваат во станбени објекти.
Сепак, еден од најголемите објекти кои во моментот се градат на самиот брег на езерото во строгозаштитениот крајезерски појас во месноста Горица, хотел со голема површина и повеќе катови, веќе влегува во завршна фаза на изградбата. Според вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николовски, во неодамнешната изјава за ТВ Телма, за овој објект, кој му припаѓа на поранешниот функционер на неговата матична партија, ВМРО-ДПМНЕ, Сашо Мијалков во Охрид не биле спорни документите за градба, туку потеклото на парите со кој се гради објектот. Николовски рече дека по тој основ очекува обвинителството да почне да постапува. „Хотелот на локалитетот Горица ги има сите потребни дозволи и нема никакво урбанистичко прекршување, но клучното прашање е потеклото на парите – како му се легализирани парите на Мијалков за да може да гради хотели“, изјави Николоски.
Официјалното образложение на централната и на локалната власт е дека објектот ги добил потребните дозволи не држи, предупредија еколошките здруженија, кои нагласуваат дека и во овој случај не е испочитувана ниту експлицитната препорака на Комитетот за светско наследство за привремена забрана на градежни активности сè до изработка на стратегиска оцена за влијанието врз животната средина.
„Укажуваме на сериозни пропусти во постапувањето на надлежните институции. Во одговорот поместен на страница 24 од Извештајот доставен до УНЕСКО, како аргумент се наведува дека комплексот „Горица 3“ е урбанистички планиран во 2007 година, а одобрението за градба е издадено во 2012 година, односно пред донесувањето на Планот за управување со светското природно и културно наследство на Охридскиот Регион (2020-2029). Но, ова штуро образложение воопшто не кореспондира со реалноста и се чини како оној што го пишувал одговорот да не е воопшто запознаен со Планот за управување и она што од него произлегува. Имено, со донесувањето на Планот за управување во 2020 година, сите урбанистички планови и документации, без оглед кога се донесени, мора да се применуваат и спроведуваат согласно неговите услови, режими на заштита и ограничувања. Ова е потврдено и со одлука на Уставниот суд на Република Македонија, кој утврдил дека претходно донесените урбанистички акти подлежат на усогласување со Планот за управување. Дополнително, градежните активности за „Горица 3“ започнаа дури во 2024 година, четири години по стапувањето во сила на Планот, кога неговата примена е веќе во тек и обврзувачка,” стои во дописот.
Еколошките здруженија нагласуваат дека досега ниту една дивоградба во Охридскиот регион не е срушена што е спротивно од она што го препорачува УНЕСКО. Државниот завод за ревизија во најновиот извештај утврдил дека хотелски комплекс е изграден без дозвола и 23 угостителски објекти што нелегално користеле јавен простор и поставиле урбана опрема. Иако Општина Охрид одбила 4.847 барања за легализација, надлежните не презеле мерки за отстранување, констатираше неодамна Државниот завод за ревизија.
Ревизијата утврдила изградени куќи, викендици и дури хотелски комплекси без платен надоместок за уредување на градежно земјиште и без издадени одобренија за градење. Општината не донела урбанистички планови за 20 населени места, не презела мерки за отстранување на бесправно изградените објекти, вклучително и во заштитените подрачја, а урбаната опрема се поставува без дозволи и без платени комунални такси.
По извештајот, Јавното обвинителство оформи предмет и наведе дека врши предистрага во Општината. Но, оттогаш нема никаква, дури ниту симболична активност на теренот на планот на решавањето на горечкиот проблем со дивоградбите во охридско, за да се прикаже макар минимум добра волја за имплементација на препораките на УНЕСКО.
Ј.Дуковска
(Фото: Охрид, Makedonski biseri – Own work, CC BY-SA 3.0)
Аналитика








