
Од воведувањето на денарот во 1992 година до денешните предизвици на глобална неизвесност, Народната банка веќе 34 години ја гради и одржува монетарната стабилност како еден од темелите на домашната економија. Годинава, овој датум добива дополнителна тежина, бидејќи институцијата истовремено одбележува и 80 години централнобанкарско работење во земјава.
На 26 април 1992 година беше воведена националната валута – денарот, со што започна монетарното осамостојување на државата. Во период исполнет со економски трансформации, инфлаторни притисоци и структурни слабости, Народната банка постепено изгради стабилен и отпорен монетарен систем.
Клучен пресврт во тој процес беше воспоставувањето на стратегијата на стабилен девизен курс во 1995 година, а потоа и врзувањето на денарот за еврото во 2002 година. Овој модел останува главниот механизам за одржување доверба во домашната валута и стабилност во економијата.
Во изминатите децении, стабилноста на денарот беше зачувана и во услови на сериозни глобални потреси – од пандемијата и енергетската криза, до геополитичките ризици. Преку монетарни инструменти и политики, централната банка придонесе за стабилни девизни резерви и отпорен банкарски систем, кој има значајна улога во поддршката на економијата.
Двојниот јубилеј, 34 години монетарна самостојност и 80 години централнобанкарско работење, според Народната банка, е потврда за институционалниот континуитет и зрелоста на финансискиот систем.
Паралелно со одржувањето на стабилноста, институцијата во континуитет ги јакне своите капацитети, инвестира во човечки ресурси и во модернизација, позиционирајќи се како независна и кредибилна институција препознаена и на меѓународно ниво.
Во фокусот и натаму остануваат ценовната и финансиската стабилност, поддршката на евроинтегративниот процес, како и дигитализацијата и осовременувањето на финансискиот систем – процеси што треба дополнително да придонесат за јакнење на економијата и подобрување на животниот стандард.
Од Народната банка порачуваат дека и во иднина остануваат посветени на својата основна мисија – стабилен денар и сигурен финансиски систем, како предуслов за одржлив економски развој.
Аналитика








