
Од интерконекции и LNG инфраструктура до иновации и регионална енергетска координација – министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, на маргините на Delphi Economic Forum во Грција реализираше серија билатерални средби насочени кон зајакнување на енергетската безбедност на Македонија и нејзино поцврсто стратешко позиционирање во регионот.
Во рамки на форумот, Божиновска оствари разговори со високи претставници од енергетскиот сектор, европски институции и меѓународни партнери, отворајќи теми поврзани со диверзификацијата на енергетските извори, инфраструктурното поврзување и привлекувањето нови инвестиции.
На средбата со Maria Sferruzza, извршна директорка на грчкиот оператор за природен гас DESFA, се разговараше за унапредување на соработката во гасниот сектор и искористување на потенцијалите што ги нуди грчката инфраструктура, особено во контекст на LNG терминалите и интерконекцијата со Македонија. Божиновска ја нагласи важноста на интерконекторот со Грција како клучен проект за диверзификација на снабдувањето и зголемување на енергетската сигурност.
Темата на иновации и дигитална трансформација во енергетиката беше отворена во разговорите со Federico Menna, главен извршен директор на 28DIGITAL – европски иновациски екосистем основан во рамки на Европскиот институт за иновации и технологија (EIT), тело на Европската Унија. Се разгледуваа можностите Македонија поинтензивно да се вклучи во европските технолошки и иновациски екосистеми, со акцент на паметни енергетски системи и решенија што ја зголемуваат ефикасноста и отпорноста на мрежите.
Во рамки на форумот, министерката Божиновска учествуваше и на панел заедно со Joshua Volz, висок претставник на Министерството за енергетика на САД, надлежен за Европа, Евроазија и енергетска интеграција, каде фокусот беше ставен на енергетската интеграција и улогата на инфраструктурата во градењето сигурни и диверзифицирани системи. Дискусијата се надоврза на веќе воспоставеното стратешко партнерство меѓу Северна Македонија и САД, особено во делот на LNG и долгорочната енергетска стабилност.
Регионалната димензија на енергетската политика беше дополнително потврдена преку разговорите со Траичо Траиков, министер за енергетика на Бугарија. Двете страни разменија мислења за регионалната енергетска поврзаност, тековните и идните инфраструктурни проекти, при што беше нагласена потребата од засилена координација и заеднички пристап кон инфраструктурните проекти и енергетската транзиција на Балканот.
Слични пораки произлегоа и од средбата со Cristian Silviu Bușoi, државен секретар во Министерството за енергетика на Романија. Во разговорите беше потенцирана важноста од усогласување со европската регулатива, размена на искуства и координација во процесите на енергетска транзиција, со посебен акцент на зајакнувањето на институционалната соработка и градењето стабилен и предвидлив енергетски пазар, со Македонија како активен фактор во регионалната стабилизација.
Министерката Божиновска истакна дека овие средби претставуваат дел од пошироката стратегија за активно позиционирање на Македонија како доверлив и релевантен партнер во регионалната и европската енергетска архитектура.
„Нашата цел е јасна – од земја зависна од една рута, да станеме систем со повеќе извори, повеќе коридори и поголема стабилност, со улога што ќе го дефинира нашето место во Европа во децениите што следат“, порача Божиновска.
Со ваквата динамична агенда во Делфи, таа испрати порака дека Македонија не настапува само како набљудувач, туку како активен чинител во обликувањето на регионалните енергетски политики, со амбиција да стане јадро на поврзана, диверзифицирана и сигурна енергетска мрежа.
Аналитика








