
Неврохируршкиот тим на Клиничката болница „Аџибадем Систина“ за првпат изведе мозочна „frameless“ биопсија со примена на најсовремен Vertek систем за невронавигација. Станува збор за еден од најпрецизните пристапи на биопсија која се изведува преку минимален отвор и без поставување на класична метална рамка фиксирана на главата.
„Современата frameless биопсија на мозок обезбедува висока прецизност благодарение на примената на системот за невронавигација, кој ни овозможува точно да ја достигнеме лезијата дури и кога таа се наоѓа длабоко во мозокот или во близина на критични мозочни структури. Преку минимален отвор на главата, инструментот внимателно се насочува кон промената, избегнувајќи витални структури и крвни садови, а целата процедура во просек трае пократко во споредба со класичните методи за биопсија.“ вели доц д-р Миленко Костов, неврохирург.
Со овој тип биопсија се овозможува навремена и точна дијагностика која што е клучен чекор во планирањето на понатамошниот третман. Благодарение на високата прецизност, ризикот од компликации е значително намален, што ја прави процедурата поефикасна и побезбедна од класичните методи. Дополнително, пациентите се враќаат побрзо на секојдневните активности, бидејќи малата инвазивност овозможува пократок болнички престој и побрзо закрепнување.
Аналитика








