ПОВЕЌЕ

    ОД ГЕРМАНИЈА ДО ЛУКСЕМБУРГ: Каде живеат најмногу имигранти во Европа

    Време зa читање: 3 минути

    Европа денес се менува не само политички и економски, туку и демографски. Новите податоци покажуваат дека миграцијата сè посилно го обликува ликот на Европската Унија, а 2025 година донесе историски пресврт, рекорден број жители во ЕУ се родени надвор од нејзините граници.

    Според извештајот на Центарот за истражување и анализа на миграцијата во RFBerlin, заснован на податоци од Eurostat и UNHCR, бројот на лица родени во странство кои живеат во Европската Унија достигнал 64,2 милиони во 2025 година. Тоа е раст од околу 2,1 милиони во однос на 2024 година, а во споредба со 2010 година, кога бројката изнесувала 40 милиони, зголемувањето е драматично.

    Во апсолутни бројки, Германија останува најголем домаќин на имигранти во ЕУ, со речиси 18 милиони жители родени во странство. Тоа е околу 70 проценти повеќе отколку пред 15 години. Над една петтина од германското население е составено од имигранти, а дури 72 проценти од нив се на работоспособна возраст, што дополнително ја нагласува нивната улога во економијата.

    Иако Германија останува главна дестинација, Шпанија бележи најбрз раст. Само во текот на 2024 година, населението родено во странство таму се зголемило за 700.000 и достигнало 9,5 милиони, што претставува раст од 8 проценти, повеќе од двојно над просекот на ЕУ.

    Но сликата изгледа поинаку кога се гледа уделот на имигранти во однос на вкупното население. Во тој поглед, Луксембург е далеку пред сите, со околу 52 проценти жители родени во странство. Следуваат Малта со 32 проценти и Кипар со 28 проценти. Висок удел имаат и Ирска и Австрија, додека неколку источноевропски држави, меѓу кои Полска, Бугарија и Словачка, остануваат со најниски удели.

    Интересно, додека бројот на имигранти расте, барањата за азил се намалуваат. Во 2025 година во ЕУ биле поднесени 669.365 барања за азил, што е пад од 26,6 проценти во споредба со претходната година. Најголемиот дел од нив биле концентрирани во Шпанија, Италија, Франција и Германија.

    Во однос на бегалците, Германија е повторно на врвот со 2,7 милиони, но релативно најголем товар носи Кипар, каде бегалците сочинуваат 4,8 проценти од населението, повеќе отколку во Германија и значително повеќе отколку во Италија.

    Извештајот покажува дека миграцијата останува еден од клучните фактори што ја редефинираат Европа. Додека некои земји ја чувствуваат како демографска и економска можност, други ја доживуваат како политички и социјален предизвик. Но едно е јасно, Европа сè повеќе станува континент обликуван од движењето на луѓето.

    (Фото: Unsplash)

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично