ПОВЕЌЕ

    НАД 40 ТОНИ НЕБЕЗБЕДНИ ЈАЈЦА ЗАВРШИЛЕ НА ДРИСЛА ПРЕД ВЕЛИГДЕН, изречени казни од над 19 илјади евра, информираат од АХВ

    Време зa читање: 2 минути

    Инспекциските служби на Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) изрекле парични казни во вредност од над 19 илјади евра на оператори со храна во рамки на спроведените 1.221 вонредна контрола, спроведени во деновите пред Велигденските празници, соопштија од АХВ.

    Како резултат на контролите биле уништени над 272 килограми небезбедна храна од животинско потекло, како и повеќе од 40 тони небезбедни јајца со потекло од соседна Србија, кои биле спречени да бидат пласирани на пазарот и уништени на депонијата „Дрисла“.

    Во случајот со јајцата, врз основа на оперативни сознанија и повеќемесечно професионално следење на активностите на домашни увозници и извозници со јајца, на граничниот премин Табановце беше спроведена акција во која при детална контрола откриени се над 572 илјади необележани свежи јајца, скриени зад првите палети со уредно декларирана стока.

    Во едната пратка пронајдени се 270 илјади, а во другата 302.400 необележани јајца. Според сознанијата на АХВ, овие производи требало дополнително да се обележат и лажно да се пласираат како македонски, со што директно се загрозува и угледот и конкурентноста на домашното производство.

    Благодарение на брзата, стручна и одлучна реакција на АХВ, спречена е сериозна измама и потенцијален ризик за потрошувачите. Вкупната количина од 40 тони и 410 килограми јајца е прогласена за небезбедна и е нештетно уништена на депонијата Дрисла, информираат од Агенцијата.

    Инспекциските служби, исто така, донеле 35 решенија за отстранување на утврдени недоследности и изрекле шест опомени. Дел од операторите не биле регистрирани, а кај други биле утврдени хигиенски, технички и административни пропусти.

    (Фото: Ravi Dwivedi – Own work, CC BY-SA 4.0)

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично