
Македонија го задржува стабилниот кредитен рејтинг, откако двете водечки меѓународни агенции во своите најнови редовни прегледи не направија никакви измени во оценката за земјата.
Во рамки на полугодишниот преглед, „Стандард и Пурс“ не објави ново ажурирање на рејтингот, што, според процедурите, укажува дека клучните економски и фискални параметри остануваат непроменети. Овој процес е дел од редовниот календар за оценување на суверените рејтинзи за регионот ЕМЕА.
Паралелно, Fitch Ratings минатиот месец ја спроведе својата ревизија, која заврши со статус „Review – No Action“, односно без промена на постојниот рејтинг и без дополнителен извештај.
Според последните официјални оценки, „Стандард и Пурс“ го задржува кредитниот рејтинг на земјата на ниво „BB-“ со стабилни изгледи, додека „Фич“ ја потврдува оценката „BB+“, исто така со стабилен изглед.
Овие оценки се сметаат за важен сигнал за меѓународните инвеститори, бидејќи укажуваат на стабилност во макроекономските политики, умерено ниво на јавен долг и способност на државата редовно да ги сервисира своите финансиски обврски.
Кредитните агенции во своите анализи нотираат дека економскиот раст е поттикнат од зголемените јавни инвестиции, особено во инфраструктурата, како и од растот на личната потрошувачка.
Министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска оцени дека потврдата на рејтинзите е значаен показател за довербата во економските политики на земјата.
„Ова е силен сигнал дека економските политики се движат во стабилна насока и дополнителен поттик за продолжување на реформите со цел одржлив раст и подобар животен стандард“, изјави таа.
Задржувањето на рејтингот во услови на глобална економска неизвесност дополнително ја потврдува отпорноста на домашната економија и континуитетот во водењето на фискалната политика.
Аналитика








