ПОВЕЌЕ

    Отворени шест реновирани хируршки сали во Клинички центар – следниот проект е „8 Септември“

    Време зa читање: 2 минути

    Пуштени се во функција шест реновирани операциони сали на хируршкиот оддел при Клиниката за трауматологија, ортопедски болести, анестезија, реанимација и интензивно лекување и Ургентен центар (ТОАРИЛУЦ). За комплетна обнова преостануваат уште четири во рамките на Клиничкиот центар „Мајка Тереза“. За сите десет операциони сали предвидено е да се потрошат вкупно 282 милиони денари.

    Реновираните сали имаат стогодишна гаранција за квалитет на инфраструктурата и се подготвени за интеграција на телемедицина, овозможувајќи далечинско следење на операции од страна на студенти и асистенција од надворешни експерти, истакна министерот за здравство, Азир Алиу. Воедно, посочи дека е продолжен процесот за вработување 300 нови доктори кои ќе бидат дел од здравствениот систем.

    Со ова се создава современ оперативен блок со светски стандарди, каде што специјализантите кои следат обука во странство ќе можат да работат во услови идентични со оние во европските и светските клиники, истакна директорот на ТОАРИЛУЦ, д-р Игор Мерџановски. Поради реновирањето, како што нагласи, понекогаш хируршките оддели ТОАРИЛУЦ, Урологија и Детска хирургија работеле и во три смени за да се намали листата на чекање и покрај големиот притисок од пациенти кон терциерното здравство. Во проектот е вклучена и нова хируршка сала во Ургентниот центар, која ќе овозможи зголемување на бројот на еднодневни операции и изолирано лекување на пациенти со инфекции, без ризик за другите пациенти.

    Пуштањето на овие шест сали е само почеток, нагласи премиерот Христијан Мицкоски. Во наредните месеци се очекува отворање на останатите четири, со што процесот ќе биде целосно завршен. Тој посочи дека на почетокот од летово ќе почне да се реализира и сличен проект во болницата „8 Септември“, со модерни операциони сали кои ќе ја постават државата како лидер во регионот во оваа област.

    Мицкоски додаде дека здравството бара системски реформи и структурни промени, но Владата ќе продолжи да го поставува здравјето на граѓаните како врвен приоритет, со реализација на проекти кои ја подобруваат инфраструктурата и условите за работа на медицинскиот кадар.

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично