Ескалацијата на конфликтот на Блискиот Исток и растот на цените на енергенсите претставуваат клучен ризик за македонската економија, предупредува Меѓународниот монетарен фонд (ММФ). Според оценките, ваквиот надворешен шок може да го забави економскиот раст, повторно да ја засили инфлацијата и да ја влоши надворешната позиција на земјата, како и да го зголеми фискалниот притисок.
Фондот, во заклучоците по консултациите со македонските власти, препорачува внимателно таргетирани мерки за ублажување на ударот – наместо широки субвенции, поддршката да биде насочена кон најранливите домаќинства. Привременото намалување на ДДВ за горивата од 18 на 10 проценти треба постепено да се укине, а социјалните програми да се зајакнат за поефикасна заштита на ранливите категории.
„Постигнувањето на буџетската цел бара контрола на тековните расходи, особено кај пензиите, платите и трошоците за стоки и услуги, како и намалување на даночните ослободувања кај ДДВ. Помошта за граѓаните поради енергетската криза треба да биде таргетирана, бидејќи општите субвенции се неефикасни. Привременото намалување на ДДВ треба постепено да се укине, додека ранливите категории да се поддржат преку постојните социјални механизми“, наведуваат од ММФ.
Истовремено, неопходно е заострување на монетарната политика за контрола на инфлацијата, како и цврста контрола врз буџетските расходи.
„Поради енергетскиот шок и силната домашна побарувачка, потребно е дополнително затегнување на монетарната политика. Се препорачува зголемување на каматните стапки, а аукциите на државни записи да преминат во целосна распределба за апсорпција на ликвидноста“, советуваат од ММФ.
Финансискиот систем останува стабилен, банките се добро капитализирани, ликвидни и профитабилни. Сепак, забрзаниот раст на кредитирањето, особено во секторот на недвижности, бара внимателно следење и можни дополнителни макропрудентни мерки за зајакнување на капиталните буфери.
ММФ исто така укажува на потребата од подлабоки структурни реформи: подобрување на управувањето, зајакнување на ефикасноста на јавниот сектор, реформи на пазарот на труд и енергетскиот сектор. Посебен акцент се става на постепено воведување на цени на електричната енергија кои ги покриваат трошоците, како и на инвестиции во енергетска инфраструктура и обновливи извори.
Во ваков контекст, макроекономската слика останува релативно стабилна, но со знаци на забавување. Економијата во 2025 година забележа раст од 3,5%, поттикнат од инвестиции во градежништвото и силна приватна потрошувачка. За 2026 година се очекува умерено забавување на растот на 3,1%, со постепено приближување кон потенцијалниот раст од 3% на среден рок.
Инфлацијата, која во јули 2025 година достигна 4,8%, се намали на 2,9% во февруари 2026 година, но се очекува повторно да се зголеми на околу 4,5% во текот на годинава поради поскапата енергија. Во меѓувреме, цените на храната и пијалаците остануваат релативно високи на 3,8%.
Надворешната позиција се влошува, дефицитот на тековната сметка се зголеми на 4,4% од БДП во 2025 година, а во 2026 година се очекува да достигне околу 5% од БДП, главно поради поголемиот увоз на енергенси.
Аналитика








