
Со наближувањето на празничниот период, кога потрошувачката на храна нагло расте, надлежните институции го засилуваат надзорот на пазарот за да се избегнат евентуални злоупотреби. Зголемената побарувачка за јајца, месо и други прехранбени производи традиционално носи и поголем ризик од небезбедни производи, па контролите во овој период стануваат поинтензивни.
Од Агенција за храна и ветеринарство информираат дека веќе се спроведуваат засилени инспекции кај операторите со храна низ целата држава. Надзорот ги опфаќа сите фази од синџирот, од производство и преработка, до дистрибуција и продажба, со цел да се спречи пласирање на небезбедни производи и да се сузбие нелегалната трговија.
Инспекторите за храна и официјалните ветеринари се на терен и детално проверуваат дали се исполнуваат општите и посебните услови за безбедност. Посебен фокус е ставен на јајцата и боите за јајца, кои во овој период се меѓу најбараните производи. Освен контролите на условите за складирање и означувањето, засилен е и надзорот при увоз, при што секоја пратка се подложува на физички преглед на местото на истовар.
Со контролите се опфатени маркети, угостителски објекти, специјализирани продавници за јајца, производители и трговци со бои за јајца и нивните увозници, како и месарници и зелените пазари. Целта, како што наведуваат од Агенцијата, е превентивно да се делува и да се обезбеди граѓаните да имаат пристап до безбедни и квалитетни производи за празничната трпеза.
Од институцијата упатуваат и апел до граѓаните да бидат внимателни при купувањето, особено во период кога понудата е зголемена. Препораката е храната да се набавува исклучиво од одобрени и регистрирани оператори кои се под контрола на АХВ, со што се намалува ризикот од небезбедни или неконтролирани производи.
Засилените контроли, велат од Агенцијата, се дел од редовната пракса во пресрет на големите празници, но и важен механизам за одржување на довербата на потрошувачите во безбедноста на храната што ја консумираат.
(Фото: Unsplash)
Аналитика








