Цената на нафтените деривати уште во текот на денов треба да се намали – за околу 2,5 денари по литар, најави премиерот Христијан Мицкоски. Поевтинувањето следи откако на почетокот од неделава горивата, во просек, поскапеа за 14,27 насто.
„Добра вест за македонските граѓани е што Окта на компаниите со кои соработува од денеска ќе даде попуст од околу 45 до 50 долари по тон, што значи намалување од приближно 2,5 денари по литар. Потоа разговарав и со голем дел од сопствениците на бензинските пумпи кои изјавија дека ќе го пренесат намалувањето на крајните корисници. Очекувам, откако ова ќе биде објавено, веќе во текот на денот нафтата и нафтените деривати да се намалат за околу 2,5 денари по литар“, рече Мицкоски.
Според него, литар дизел ќе чини 1 евро и 35 центи, што е значително поевтино од цените во соседството: Србија и Албанија – над 1,8 евра, Косово – 1,5 – 1,6 евра, а во повеќето земји на Европската унија дизелот надминува 2 евра по литар.
„Тоа што го кажавме, го реализираме. Македонските граѓани ќе користат најевтини нафта и нафтени деривати, и покрај тоа што сме на неколку стотици километри од жестоки воени дејства. Со добра организација и конструктивен дијалог успеваме овие предизвици да ги надминуваме“, нагласи премиерот.
Понеделничкото поскапување најмногу се одрази кај дизелот, чијашто цена се зголеми за 14,5 денари. Оттогаш литар се точи за 85,5 денари. Останатите горива, што денес би требало да поевтинат за 2,5 денари, засега чинат: 79,5 денари Еуросупер БС-95; 81,5 денари Еуросупер БС-98; 82,5 денари екстра лесното масло за домаќинство (ЕЛ-1); 42,586 денари килограм мазут.
Аналитика








