Стопанската комора бара келнер – за плата од 26.550 денари. За точно 504 денари повисока од минималната. И со најава за можно зголемување.
СКСМ има потреба од кандидат подготвен да работи 40 часа во неделата за плата што не досега ниту до прагот на сиромаштијата. Се бара доброволец кој ќе ги подзбие редовите на онаа една третина од вработените со месечни примања под 500 евра.
Престиж е да се работи во институцијата со вековна традиција, лоцирана во строгиот центар на главниот град. Средиште на претставниците, сопствениците на најголемите, најуспешните и најбогатите компании. Клубот на македонската деловна елита. Осум часа од денот да се минуваат на местото каде што се носат големи одлуки.
Од понеделник до петок да се приготвуваат кафе и храна, и да се послужуваат странки. Да се служат кафе и безалкохолни пијалаци на вработените и на странките. Да се врши организација и снабдување со потрошни артикли за потребите на бифето. И, да се внесуваат податоци во апликацијата за водење на бифето врз основа на потрошените артикли и набавените производи. Тоа се задачите од огласот, но можеби во практиката ќе се појавуваат и „ситници“ кои можат и патем да се завршат и решат.
На кандидатот му се дава можност за избор. Послужавникот може да го носи од 8 до 16, или од 9 до 17 часот.
Но, пред да одлучи што повеќе му одговара, мора да ги има целосно исполнето условите што се бараат од него. За да му се отвори вратата на СКСМ, потребно е претходно да завршил средно образование, сектор Угостителство и туризам – келнер. Зад себе да има келнерско работно искуство од најмалку две години, како и основно познавање на англискиот јазик.
На вработување.мк, покрај овој, има повеќе огласи за келнери и келнерки. Со плати од 35, 40 илјади денари. Кафетериите и кафеаните работат во две смени, а неработниот ден не мора да е за викенд. Има многу работа, но и можноста за дополнителна заработка. Има бакшиш. Има мотивација за да се дојде на работното место, за поголема љубезност и услужливост. Веројатно, не може ни да се претпостави дека е можно бакшиш да добие келнер во Стопанската комора.
Владата им препушти на работниците и работодавачите да се договорат и за минималната и за сите останати плати. Кога на СКСМ не ѝ се дава основната келнерска плата да ја заокружи на барем 30 илјадарки, што повеќе да се очекува. Тие го кажаа своето. Работниците ќе се изјаснат на 14 март. Идната сабота, ќе застанат и пред Стопанската комора. Сигурно, во толпата ќе има и келнери, кои не се согласуваат со зголемувањето од 1.667 денари и со минимална плата од 26.046 денари.
М.А.
Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и важат условите опишани на следниот линк.
(Фото: Freepik)
Аналитика








