Железничкото поврзување меѓу Македонија и Бугарија влегува во својата финална и најинтензивна фаза. До 2030 година, Бугарија и Северна Македонија ќе го завршат железничкото поврзување. Тоа било истакнато на состанокот во бугарското Министерство за транспорт и врски меѓу вршителот на должноста министер за транспорт и врски Корман Исмаилов и македонската амбасадорка во Софија Агнеза Руси Поповска, соопшти прес-центарот на бугарското Министерство за транспорт.
На состанокот во Софија било потврдено дека 2030 година е крајниот рок кога возовите ќе почнат да сообраќаат по Коридор 8, јави МИА.
По ратификацијата на договорот за изградба на заедничкиот прекуграничен тунел, веќе се формира Заеднички комитет кој ќе го координира овој историски проект. Додека Бугарија веќе распишува тендери за делницата од Ѓуешево до границата, на македонска страна работите напредуваат.
Минатиот месец директорот на ЈП Железници инфраструктура, Синиша Ивановски, објави дека е пробиен и последниот тунел од вкупно 15 на пругата Бељаковце-Крива Паланка. „Бележиме прогрес. Изутринава го пробивме и последниот тунел од вкупно 15 од вториот дел од градбата на пругата кон Бугарија (Бељаковце – Крива Паланка). Пробивањето на тунелите се смета за една од поспецифичните градежни активности. А оваа позиција од овој проект е веќе завршена“, напиша на 16 февруари Ивановски на Фејсбук, додавајќи дека, иако моменталниот прогрес на изведувачот не е според очекувањата, најспецифичните сегменти од проектот полека се надминуваат.
Аналитика








