На домашен терен и на пазарите низ светот, македонскиот фармацевтски бренд постигна високи консолидирани резултати: рекордна продажба од речиси 340 милиони евра, извозно остварување од над 221 милион евра и иневстирани 18 милиони евра. Тоа се ефектите на Алкалоид од реализацијата на деловните планови во текот на минатата година. Од сето тоа корист има и државата – платени се даноци и давачки од околу 32 милиони евра.
Според единечниот биланс на успех продажбите се зголемени за 3 насто и достигнуваат 13.837.976.447 денари, додека консолидираните се проследени со раст од 10 насто (20.899.116.085 денари), информираат од компанијата. Консолидираните продажби достигнаа 20,899 милијарди денари (339,3 милиони евра), од кои извозот изнесува 13,664 милијарди денари (221,6 милиони евра), а компанијата инвестираше 1,112 милијарди денари (18 милиони евра) во производни и инфраструктурни капацитети.
Консолидираните продажби на домашниот пазар се зголемени за 20 насто, а извозот сочинува 65 отсто од вкупните консолидирани приходи. Најголем дел од извозот е остварен во земјите од Југоисточна Европа (27 %), Источна Европа (19 %) и Западна Европа (18 %). На сранските пазари, најголем раст бележат: Шведска и Австрија (4-пати), Холандија (3-пати), Јужна Африка и Казахстан (2-пати). Над 20 насто раст е регистриран во Финска, Ирска, Португалија, Грција и Ерменија.
Според групите производи, фармацевтските препарати сочинуваат 91 отсто од вкупните продажби, при што антибиотиците учествуваат со 23 %, ОТЦ препаратите со 18 %, невролошките препарати со 12 % и кардиолошките препарати со 11 %. Сегментот хемија, козметика и билкарство учествува со 9 проценти, при што хемијата партиципира со 2, козметиката со 6, а билкарството со 1 процент.
Инвестиции и развојни проекти се неизоставни сегменти од активностите на Алкалоид. И во 2025 година компанијата продолжила со имплементација на долгорочната стратегија преку изградба и модернизација на производни погони и магацински капацитети. Новата микробиолошка лабораторија за контрола на квалитет има капацитет за околу 20.000 микробиолошки анализи годишно и вработува 21 високостручно лице. Вкупните инвестиции во основни средства изнесуваат 1.112.882 илјади денари.
Што се однесува до финансиските резултати, од компанијата посочуваат дека единечната EBITDA достигнала 3,393 милијарди денари (+18 %), а единечната нето-добивка изнесува 1,984 милијарди денари или 32,23 милиони евра (+17 %). Консолидираната EBITDA е 3,594 милијарди денари (+20 %), додека консолидираната нето-добивка е во износ од 1,796 милијарди денари (+7 %).
По основа на остварувањата, Алкалоид уплатил даноци и давачки во износ од 1,966 милијарди денари, а во своите вработени вложил 2,120 милијарди денари. На акционерите им е исплатена дивиденда од 784,4 милиони денари. Воедно, реализирана е поддршка кон заедницата преку донации, стипендии и спонзорства од над 226,9 милиони денари. Партнерските односи со над 1.950 домашни добавувачи резултираа со промет од 3,232 милијарди денари.
Во текот на минатата година во трамките на компанијата имало 54 нови вработувања. Групацијата брои 3.018 вработени, од кои 2.234 во Македонија.
Акциите на Алкалоид се меѓу петте најтргувани на македонска берза. Лани забележаа просечен раст од 22,76 насто и на последниот ден од декември имаа просечна вредност од 27.468 денари по акција, со пазарна капитализација од 35,8 милијарди денари.
За годинава, пак, Управниот одбор на Алкалоид предвидува раст од 7 насто на консолидираните продажби и на консолидираниот профит, како и инвестирање од околу 8 насто од приходите во материјални и нематеријални средства. Компанијата ќе продолжи со нови вработувања и со развој на производствени и истражувачки капацитети, со цел создавање конкурентно портфолио и ширење на пазарите.
Аналитика








