
Министерството за здравство отвора ново поглавје во уредувањето на здравствениот систем со предлог-измени на Законот за здравствена заштита, кои веќе се објавени на Единствениот национален електронски регистар на прописи и се достапни за јавна расправа. Надлежните уверуваат дека станува збор за сеопфатна интервенција со која треба да се надминат слабостите детектирани во досегашната примена на законот и да се воспостават појасни, потранспарентни и пофер правила во повеќе клучни сегменти.
Министерот за здравство Азир Алиу посочува дека измените се изработени врз основа на принципите на транспарентност и отчетност и дека сите конструктивни забелешки од јавноста ќе бидат разгледани пред финализирањето на текстот. Според него, праксата покажала потреба од интервенции во постапките за вработување, статусот на директорите на јавните здравствени установи, системот на специјализации и супспецијализации, како и во условите за пензионирање и ангажман по пензија.
Една од највпечатливите новини е воведувањето приоритетно вработување на најдобрите дипломирани доктори на медицина од медицинските факултети во земјата. Доколку тие се пријават на оглас за работа во јавна здравствена установа, нема да поминуваат низ редовна постапка за селекција, туку ќе бидат директно вработени. Со ова, според предлагачите, се настојува да се задржат најквалитетните кадри во јавниот систем и да се надмине досегашната пракса најдобрите студенти да остануваат надвор од институциите.
Истовремено, значајно се менува и начинот на спроведување на огласите за вработување. Наместо кратки рокови и објави исклучиво во печатени медиуми, огласите ќе се објавуваат на интернет-страниците на Агенцијата за администрација, Агенцијата за вработување и на самата здравствена установа, со продолжен рок за пријавување. Постапката ќе се одвива во три фази: административна проверка, прелиминарна селекција и интервју, а бодирањето ќе ги опфати успехот во образованието, резултатите од електронски стручен тест, познавањето странски јазик и впечатокот од интервјуто. Комисијата за селекција повеќе нема да ја именува директорот, туку стручниот колегиум на установата, посебно за секое работно место, а директорот ќе биде должен да го вработи најдобро рангираниот кандидат.
Предложена е и забрана за преземање здравствени работници од примарното и секундарното во терцијарното здравство, поради појавата на краткотрајни вработувања на пониските нивоа со цел полесен трансфер во клиниките. Во терцијарното здравство се задржува и дополнителниот услов кандидатите да имаат просечен успех од најмалку 8 во текот на сите циклуси на студии.
Во делот на раководните позиции се ограничува можноста за повеќекратно именување вршител на должност директор. Иако оваа функција е замислена како привремена, праксата покажала дека истите лица биле именувани повеќепати. Со измените се предвидува именување вршител на должност најмногу двапати, по што управниот одбор ќе има обврска да именува решение.
Сериозни измени се предлагаат и во системот на специјализации. Владата ќе носи програма со која ќе го утврдува бројот на приватни специјализации и супспецијализации во согласност со реалните потреби за кадар, со цел да се спречи дисбаланс меѓу пазарните интереси и потребите на здравствениот систем. Се преиспитува и обврската за дополнителни шест месеци работа во примарното здравство пред отпочнување специјализација, со образложение дека долгото траење на медицинските студии и задолжителната пробна работа веќе претставуваат значаен практичен ангажман.
Посебно внимание привлекува делот за пензионирање и продолжување на работниот ангажман. Наместо автоматско продолжување на работниот однос до 67 години по барање на вработениот, тоа ќе биде можно само доколку постои реална потреба и со позитивно мислење од стручниот колегиум, како и согласност од Министерството за здравство и Фондот за здравствено осигурување. Дополнително, поради недостиг на кадар во одредени специјалности, се предлага можност лекарите специјалисти и супспецијалисти од 67 до 70 години да бидат ангажирани со договор, при што ќе ја задржат пензијата. Ова решение, според предлагачите, треба да овозможи искористување на искуството на искусните доктори и да се обезбеди континуитет во здравствените услуги.
Со измените се предвидуваат и прекршочни санкции за здравствени установи и одговорни лица кои ќе дозволат вршење здравствени услуги без соодветна лиценца или положен стручен испит, како и прецизирање на одредбите поврзани со закуп на простор и опрема во рамки на јавните здравствени установи.
Предлог-измените сега се на јавна расправа, а конечната верзија ќе зависи и од забелешките што ќе ги достават стручната и пошироката јавност. Доколку бидат усвоени, тие би значеле значајно редефинирање на правилата во здравствениот систем, со акцент на квалитетот, контролата и пополнувањето на кадровскиот дефицит.
Аналитика








