ПОВЕЌЕ

    ДАЛИ ЛАГАРД ЌЕ ГО ПАКУВА КУФЕРОТ ПРЕД 2027 ГОДИНА? Европа веќе калкулира со нов шеф на ЕЦБ

    Време зa читање: 3 минути

    Во момент кога еврозоната влегува во релативно стабилна економска фаза, на хоризонтот се појавуваат нови неизвесности, овојпат поврзани со раководството на најмоќната финансиска институција во Европа. Претседателката на Европската централна банка, Кристин Лагард, размислува да ја напушти функцијата пред истекот на својот мандат во октомври 2027 година, објави британскиот весник „Фајненшл тајмс“, повикувајќи се на извори запознаени со нејзините планови.

    Според информациите, Лагард сè уште нема донесено конечна одлука за точниот датум на евентуалното заминување, но разгледува можност тоа да се случи пред претседателските избори во Франција во 2027 година. На тој начин, францускиот претседател Емануел Макрон и германскиот канцелар Фридрих Мерц би можеле да одиграат клучна улога во изборот на нејзиниот наследник.

    Поддршката од Франција и Германија традиционално има значајна тежина во изборот на претседател на ЕЦБ, иако формално право на глас имаат сите лидери од 21 земја-членка на еврозоната. Дел од европските влади, според медиумските извештаи, ја разгледуваат можноста за забрзување на процесот на избор, со цел да се избегне сценарио во кое евентуална крајно десничарска влада во Франција би имала влијание врз именувањето по изборите во 2027 година.

    Портпаролката на ЕЦБ соопшти дека „претседателката Лагард е целосно посветена на својата мисија“ и дека не е донесена никаква одлука во врска со предвремено завршување на мандатот. Слични шпекулации се појавија и минатата година, кога се тврдеше дека Лагард е во разговори за преземање на раководната позиција во Светскиот економски форум, но тогаш ЕЦБ ги демантираше тие информации и нагласи дека таа има намера да го заврши својот мандат.

    Гласините за можни кадровски промени дополнително се засилија откако гувернерот на Банката на Франција, Франсоа Вилерој де Гало, објави дека ќе се повлече во јуни, пред истекот на својот мандат, со што ќе му овозможи на Макрон да именува наследник пред француските избори.

    Иако формални кандидати за позицијата на Лагард сè уште нема, во европските финансиски кругови веќе се споменуваат неколку имиња. Меѓу нив се членката на Извршниот одбор на ЕЦБ, Изабел Шнабел, претседателот на германската Бундесбанка Јоаким Нагел, поранешниот гувернер на Банката на Шпанија Пабло Ернандез де Кос, како и поранешниот шеф на холандската централна банка Клаас Кнот.

    Кристин Лагард ја презеде функцијата во ноември 2019 година, во период обележан со сериозни предизвици за европската економија. За време на нејзиниот мандат, еврозоната се соочи со пандемијата на Ковид-19, војната во Украина и наглиот раст на инфлацијата, која во 2022 година надмина 10 проценти. Под водство на ЕЦБ, инфлацијата постепено се намали и во јануари годинава изнесуваше 1,7 проценти, додека каматните стапки се на неутрално ниво.

    Пред да застане на чело на ЕЦБ, Лагард беше генерален директор на Меѓународниот монетарен фонд од 2011 до 2019 година, а претходно ја извршуваше функцијата министер за финансии на Франција.

    Доколку навистина се одлучи за предвремено заминување, тоа би можело да отвори нова рунда политички и економски преговори во Европската унија, во чувствителен период кога стабилноста на институциите се смета за клучен фактор за довербата на пазарите.

    (Фото: Wikimedia Commons, CC 3.0)

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично