ПОВЕЌЕ

    БРОЈКИТЕ ЗА ЈСП ОТКРИВААТ ДЕЦЕНИСКИ ПАД: Од 52 на 22 милиони патници и 40% помалку исправни автобуси

    Време зa читање: 3 минути

    Јавниот автобуски превоз во Скопје во изминатата деценија изгубил речиси 30 милиони патници годишно, а бројот на исправни автобуси е намален за 40 проценти. Ова го покажува најновата анализа на Центарот за граѓански комуникации, изработена врз основа на годишните извештаи и официјалните податоци на Јавното сообраќајно претпријатие Скопје.

    Во 2015 година со автобусите на ЈСП се превезувале околу 52 милиони патници годишно. Во 2025 година бројката се сведува на 22 милиони, што значи дека системот изгубил повеќе од половина од своите корисници. Само од кризата со ковид-19 наваму, годишниот број на патници е намален за над 22 милиони, а падот продолжува и по 2023 година. Во 2024 година се регистрирани речиси 6 милиони помалку патници, а во 2025 дополнителни 3 милиони.

    Паралелно со намалувањето на бројот на патници, се намалува и возниот парк. Во моментов ЈСП располага со 341 автобус, но дневно исправни се само 185. Од нив, во сообраќај излегуваат 157 автобуси на сите градски и приградски линии. За споредба, во 2015 година претпријатието имало 430 автобуси, од кои 316 биле исправни, а 213 секојдневно биле во функција. Бројките покажуваат континуиран пад од година во година.

    Анализата укажува и на стареење на автобускиот парк. Просечната старост на автобусите изнесува 13,3 години и е највисока во последната деценија. Во овој период имало само две интервенции што влијаеле на подмладување на флотата, набавката на 33 автобуси од марката МАН во 2020 година и отпишувањето на старите автобуси „Санос“ во 2021 година. Сепак, десет автобуси од „Санос“ и понатаму се во возниот парк, стари околу три децении. Најнови се шесте еколошки автобуси од турската марка БМЦ, донација од Европската Унија од 2025 година.

    Структурата на флотата покажува доминација на кинеските „Јутонг“, кои сочинуваат повеќе од 60 проценти од сите автобуси, односно 210 возила. Следуваат 64 украински „ЛАЗ“, додека поновите автобуси „МАН“ се вкупно 33, од кои дел се зглобни.

    Еколошките стандарди дополнително ја отсликуваат состојбата. Само 12 проценти од автобусите се со највисок стандард Еуро 6. Поголемиот дел, 63 проценти, се со Еуро 5, додека 24 проценти се со Еуро 4, што е понизок еколошки стандард.

    И покрај намалениот број на патници, финансиските приходи на претпријатието во последната деценија се движат околу просечни 29 милиони евра годишно, со исклучоци во периодот на ковид-кризата. Околу половина од приходите доаѓаат од продажба на билети и линиски превоз, а околу 40 проценти од субвенции – за бесплатен превоз и за покривање на потешкотии во работењето.

    Податоците од анализата укажуваат на систем кој со години губи капацитети и корисници, додека просечната старост на возилата расте. Бројките отвораат прашање за одржливоста и идниот развој на јавниот автобуски превоз во главниот град.

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично