Европската унија започна формална истрага против гигантот за брза мода „Шеин“ поради можни прекршувања на дигиталниот закон, вклучително и продажба на секс кукли слични на деца. Европската комисија, извршната власт на ЕУ, изјави дека ќе испита какви системи има кинеската фирма за да спречи продажба на нелегални производи „вклучувајќи содржина што би можела да претставува материјал за сексуална злоупотреба на деца“.
Исто така, ќе го испита „дизајнот што создава зависност“ на платформата на Шеин и транспарентноста на системот што го користи за да им предложи производи и содржини на купувачите.
Европска комисија постапува според Закон за дигитални услуги (DSA) — клучниот европски закон што од крајот на 2023 година се применува на т.н. „многу големи онлајн платформи“.
Истрагата се фокусира на три главни области.
Прво, Комисијата ќе испитува дали на платформата се продавале нелегални производи во рамките на ЕУ, вклучително и артикли што би можеле да се класифицираат како материјал поврзан со сексуална злоупотреба на деца, како што се секс-кукли со изглед на малолетници. Прашањето веќе беше отворено минатата година по извештаи за продажба на вакви производи во Франција.
Второ, под лупа ќе биде ставен дизајнот на платформата и можните техники што поттикнуваат зависност и прекумерна ангажираност на корисниците — како системи за наградување со поени, попусти или други стимули што ги задржуваат купувачите подолго време онлајн. Според DSA, многу големите платформи имаат обврска да ги проценат и ублажат системските ризици поврзани со нивните услуги, вклучително и влијанието врз благосостојбата на корисниците.
Третиот сегмент од истрагата се однесува на транспарентноста на алгоритмите за препорака. Европските правила бараат платформите јасно да ги објаснат главните параметри врз основа на кои им се препорачуваат производи на корисниците, како и да понудат најмалку една опција што не се базира на профилирање.
Комисијата ќе спроведе длабинска анализа, што може да вклучува дополнителни барања за информации, интервјуа и мерки за мониторинг. Доколку се утврди непочитување на обврските, Брисел може да воведе привремени мерки, да прифати обврзувачки корективни чекори од страна на компанијата или да донесе формална одлука за прекршување, што може да резултира со значителни финансиски санкции.
Во реакција за медиумите, Shein соопшти дека своите обврски според DSA ги сфаќа „сериозно“ и дека целосно соработува со европските институции.
СЕКС-КУКЛИТЕ СО ДЕТСКИ ИЗГЛЕД ГО КРЕНАА АЛАРМОТ
По контроверзиите од минатата година, Shein тврди дека вовела дополнителни заштитни механизми за производи со старосни ограничувања и ги унапредила алатките за откривање на недозволена содржина.
Минатата година, Шеин беше пријавена кај француските власти за продажба на „секс кукли со детски изглед“ на својата веб-страница.
Фирмата соопшти дека веднаш ги отстранила производите, ги забранила продавачите и ја отстранила продажбата на секс кукли „без оглед на изгледот“ на својата глобална страница. Исто така, соопшти дека соработувала со локалните и меѓународните власти на истраги и за купувачите и за продавачите на детските секс кукли.
„Заштитата на малолетниците и намалувањето на ризикот од штетна содржина се во срцето на начинот на кој ја развиваме и управуваме платформата“, соопшти компанијата, додавајќи дека ќе продолжи конструктивно да соработува со властите.
Истрагата се одвива во време на зголемени контроверзии околу проширувањето на Shein во Европа. Во ноември минатата година, компанијата ја отвори својата прва постојана продавница во Париз, во рамки на историската стоковна куќа BHV. Настанот предизвика силни реакции, а онлајн петиција против отворањето собра повеќе од 120.000 потписи. Групи за заштита на децата и животната средина го критикуваа брендот, а пред продавницата се одржаа протести.
Основана во Кина во 2012 година, а денес со седиште во Сингапур, Shein се издигна во глобален лидер на брзата мода, нудејќи облека и други производи по ниски цени, главно произведени во Кина. Компанијата се соочува и со критики поврзани со наводи за проблеми во синџирите на снабдување, вклучително и сомнежи за користење принудна работа во регионот Синџијанг — обвинувања што Пекинг ги отфрла.
(Фото: DMCGN – Own work, CC BY 4.0)
Аналитика








