Износ од речиси 250 милиони евра за склучени 3.244 договори е исходот на јавните набавки чијашто реализација е доверена на десет компании. За две од нив („Биотек“ и „Даути комерц“) во текот на минатата година немало ден без добиен тендер. Нивниот дневен просек е 1,11, односно 1,01 добиен тендер, покажува анализата на „Пари“ во соработка со Бизнис мрежа. Но, и другите компании од десетте што добиле најголем број на тендери, во просек речиси секој ден добивале тендер.
Сите овие компании со години наназад се на добитните листи што се создаваат преку учествата и изборот на најповолни понудувачи во јавните набавки, со што се обезбедува непречено функционирање на виталните државни сегменти. Се работи за веледрогерии, снабдувачи со горива, телекомуникации, осигурување…
Кога би имало официјален избор на „тендераш“ на годината, за 2025 година тоа признание би му припаднало на Биотек. Има освоено 405 тендери. Нивната вкупна вредност е 17,61 милион евра. Ако рангирањето би било по таа основа, компанијата би се пласирала на средината од табелата. Биотек работи со лабораториска опрема, реагенси и потрошен материјал за лаборатории и здравствени установи.
МЕЃУ НАЈГОЛЕМИТЕ „ТЕНДЕРАШИ“ има и времено забранет и со одземен пасош
Всушност, добар дел од јавните набавки се во здравствениот домен, па на списокот се уште четири компании со најмногу добиени тендери. На четвртата позиција со 341 договор е Алкалоид Конс, дел од домашниот фармацевтски гигант Алкалоид. Но, според нивната заедничка вредност од 94,81 милион евра, оваа компанија е убедливо прва.
Нешто подолу, на седмо место, е Друштвото за трговија, производство и услуги Промедика. Има 300 договори во вредност од 6,69 милиони. Следуваат Д-Р Пановски со 282 договори (46,4 милиони евра) и Фарма трејд со 277 добиени тендери (24,4 милиони евра). Токму за овие две компании со кои се заокружува листата, лани Комисијата за заштита на конкуренцијата утврди дека своевремено (за тендер во 2016 година) постапиле спротивно на Законот за заштита на конкуренцијата, односно картелски договарале цени.
Втор според бројот на добиени тендери е Даути Комерц, со активности во увоз-извоз и дистрибуција на производи за широка потрошувачка. Со разни министерства, општини и јавни институции лани склучил 370 договори, или по 1,01 секој ден. Сепак, со вкупната сума од 4,43 милиони евра, компанијата е претпоследна.
Според износот од 1,47 милиони евра на последното место е АД Осигурителна полиса. Затоа, пак, со освоените 344 тендери е на третата позиција.

Извор: БизнисМрежа
Овојпат Лидер Р‑98 од Кочани со 337 договори во вредност од 1,26 милиони евра е на петтото место. Малата фирма, од 2020 година (кога е основана) наваму успешно се снаоѓа во тендерските постапки како добавувач на средства за хигиена на бројни здравствени, образовни установи, институции и др., а во 2023 година беше најуспешна со 548 договори.
Зад неа, со помалку од еден договор дневно (0,83) е просекот на Пуцко Петрол, фаворитот во јавните набавки кога се работи за испорака на нафтени деривати. Лани добил 304 тендери во вредност од 44,12 милиони евра. Следи А1 Македонија, единствената компанија на листата од секторот на телекомуникациите. Во текот на 2025 година потпишани се 284 договори, чијашто вкупна вредност е 7,98 милиони евра.
М.А.
Лектор: Христина Ангелеска-Мијоска
Аналитика








