ПОВЕЌЕ

    Нов трговски потег: САД ја укинаа дополнителната тарифа за Индија

    Време зa читање: 2 минути

    Претседателот на САД, Доналд Трамп, потпиша извршна наредба со која се поништува дополнителната, т.н. казнена царина од 25 проценти за увозот од Индија, која беше воведена како одговор на купувањето руска нафта од страна на Њу Делхи, соопшти Белата куќа.

    Овој чекор следува по постигнувањето трговски договор меѓу двете земји, што Трамп го најави претходно во текот на неделата. Согласно договорот, вкупните американски тарифи за индиските производи се намалуваат од 50 на 18 проценти, додека Индија се обврзува да го суспендира увозот на руска нафта и да ги олесни трговските бариери за американските компании.

    Индија е земја што во голема мера се потпира на странски извори на енергија, при што околу 90 проценти од потребната нафта ги обезбедува преку увоз. По почетокот на војната во Украина во 2022 година и воведувањето западни санкции кон Русија, Индија значително ги зголеми купувањата на поевтина руска нафта, со што ги намали трошоците за енергетски увоз.

    Во последните месеци, сепак, се забележува промена во таа политика. Според проценките, увозот на руска нафта во јануари изнесувал околу 1,2 милиони барели дневно, додека за февруари се очекува пад на околу еден милион барели дневно, а во март на приближно 800 илјади барели дневно.

    Договорот со Индија е дел од пошироката трговска и геополитичка стратегија на администрацијата на Трамп, насочена кон намалување на глобалната зависност од руската енергија и зајакнување на економските односи со стратешки партнери.

    (Фото: Unsplash)

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично