ПОВЕЌЕ

    РЕКОРДНИ ПРИХОДИ ОД КОНЦЕСИСКИ НАДОМЕСТОЦИ ЛАНИ: Преку 1,2 милијарди денари наплатени од експлоатација на минерални суровини

    Време зa читање: 3 минути

    Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини објави дека наплатата на концесиски надоместоци за експлоатација на минерални суровини во 2025 година постигна историски највисоко ниво, со вкупно 1.223.455.203 денари. Овој износ е повеќе од два и пол пати поголем од она што е наплатено во 2024 година и ја потврдува значајната промена во управувањето со природните ресурси во земјата, се истакнува од Министерството.

    Според официјалните податоци, растот е видлив низ целата 2025 година. Во првиот квартал, наплатата на концесиски надоместоци се зголеми од околу 124 милиони денари во 2024 година на 274 милиони денари во 2025 година. Во вториот квартал оваа збирна наплата продолжи да расте – од околу 136 милиони денари во 2024 на 290 милиони во 2025 година. Третиот квартал бележи најзначително зголемување: додека во 2024 година беа наплатени околу 144 милиони денари, во 2025 година овој износ изнесува 397 милиони денари. Четвртиот квартал исто така покажува пораст, со наплата од 260 милиони денари во 2025 година споредено со 158 милиони денари една година порано.

    Овој раст се припишува на повеќе фактори што Министерството ги спроведе со цел подобрување на собирањето на надоместоците. Меѓу нив е воведувањето на нов тарифник на почетокот на 2025 година, со кој надоместоците за користење на природните ресурси беа зголемени до 100%, обезбедувајќи правична компензација за нивната употреба.

    Покрај новите тарифи, Министерството ја зајакна и контролата врз концесионерите преку засилени инспекциски проверки и редовни теренски контроли. Концесионерите кои не ги исполнуваа своите обврски добија писмени опомени, а на некои им беа еднострано раскинати договорите – 46 такви одлуки беа донесени во изминатиот период по предлог на Министерството. Дел од овие раскинувања беа поради неплаќање на надоместоците според утврдените правила.

    Според министерството, зголемените приходи имаат значајни ефекти и надвор од централниот буџет. Тие директно придонесуваат за зголемување на локалните општински буџети, особено во општините каде што работат концесионерите, и го поддржуваат финансирањето на проекти од комуна инфраструктура, енергетска транзиција и заштита на животната средина.

    Министерството наведува дека овие резултати се доказ за посветеноста на државата да воспостави транспарентно и ефикасно управување со природните ресурси, со крајна цел не само зголемување на економските придобивки, туку и поддршка за одржлив развој на локалните заедници.

    (Фото: рудар, илустрација, Bachelot Pierre J-P, CC BY-SA 3.0)

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично