
Зимската убавина на Шар Планина повторно потсети дека зад спектакуларните снежни пејзажи се кријат и сериозни ризици. На територијата на националниот парк е регистрирана лавина, но за среќа, без човечки жртви или затрупани лица. Надлежните предупредуваат дека состојбата со снежната покривка останува нестабилна и дека опасноста од нови лавини е висока.
Од Национален парк Шар Планина информираат дека лавината била пријавена од операторот за слободно скијање со ратраци „Ескимо спорт“, по што нивни екипи веднаш излегле на терен. Претходно, тимот на операторот извршил детално пребарување на лавинскиот простор со специјализирани лавински уреди, при што било утврдено дека во лавината нема затрупани лица, ниту пак има пријави за исчезнати посетители.
Паралелно со теренскиот увид, била спроведена и стручна анализа на стабилноста на снежната покривка од страна на експерти од образовна институција специјализирана за безбедност во планинскиот туризам. Резултатите од проценката покажале лавинска опасност од степен 4, според европската скала за лавински ризик, што значи висок ризик и сериозна закана за движење во одредени зони.
Според објаснувањата од паркот, ваквата состојба е резултат на сложена комбинација на фактори, променливи температури, засилен ветер, нови снежни врнежи и специфичниот релјеф на Шар Планина. Токму ваквите услови создаваат нестабилни снежни слоеви, кои можат ненадејно да се активираат.
Особено загрозени се деловите од планината над 1.700 метри надморска височина, каде што ризикот од лавини е најизразен. Од Националниот парк апелираат посетителите да избегнуваат движење во потенцијални лавински зони, да не се упатуваат во повисоките делови без соодветна опрема и без придружба на обучени и квалификувани лица, како и навремено да ја пријавуваат својата посета преку официјалната веб-страница.
Надлежните служби најавуваат дека состојбата на терен ќе се следи континуирано, во соработка со туристичките оператори и експертите за лавинска безбедност, а јавноста ќе биде редовно информирана за сите промени.
Иако Шар Планина останува една од најатрактивните зимски дестинации во земјата, од паркот потсетуваат дека престојот во вакви услови бара зголемена внимателност, информираност и строго почитување на безбедносните правила. Лавините, предупредуваат експертите, се тешко предвидлива појава и секоја потценета проценка може да има сериозни последици.
Аналитика








