По децении нерешен проблем, државата и локалните самоуправи отвораат процес за изградба на гробишта за домашни миленици во сите општини. Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ), Министерството за локална самоуправа, Град Скопје и ЗЕЛС постигнаа согласност дека ваква инфраструктура е неопходна и дека нејзиното воспоставување ќе бара и соодветни законски измени.
Со ова решение конечно ќе се стави крај на практиката починатите миленици да се фрлаат со комуналниот отпад или да се закопуваат на јавни површини, шуми и паркови – појава што со години претставува еколошки и здравствен проблем, особено во поголемите градови.
Министерот за локална самоуправа, Златко Перински, нагласи дека изградбата на гробишта за миленици ќе значи системско решавање на деценискиот пропуст: „Ова ќе претставува решавање на деценискиот проблем и крај на праксата труповите на милениците по смртта да се фрлаат со комуналниот отпад или да се закопуваат на јавни површини и други несоодветни локации“.
Градоначалникот на Скопје и претседател на ЗЕЛС, Орце Ѓорѓиевски, најави дека општините ќе започнат со дефинирање соодветни локации и планирање на инфраструктурата, при што локалните самоуправи ќе дадат целосна поддршка за проектот да стане функционален во пракса, а не само на хартија.
Паралелно со ова, на состаноците бил отворен и проблемот со бездомните животни. Предложено е воспоставување систем на прифатилишта во секоја локална самоуправа, како дел од поширок пакет мерки за контрола на популацијата на бездомни кучиња. Директорот на АХВ, Оливер Миланов, истакна дека во предложените законски измени веќе се вградени забелешките на здруженијата за заштита на животните, а ќе се земат предвид и предлозите од општините.
„Како одговорна институција за здравствената заштита и благосостојбата на животните, АХВ ќе им излезе во пресрет на локалните самоуправи и ќе им помогне во решавањето на техничките прашања при воспоставување на системот за контрола на популацијата на бездомни кучиња, согласно можностите, надлежноста и овластувањата на Агенцијата“, вели Миланов.
До реализацијата на проектот, погребувањето миленици на јавни површини останува казниво со глоба од 50 евра. Во пракса, граѓаните ретко имаат легална алтернатива, а телата на починатите миленици формално се третираат преку ЈП „Комунална хигиена“ и завршуваат на депонијата „Дрисла“, што отвора дополнителни прашања за хуманоста и биосигурноста.
Решение за проблемот со починатите миленичиња имаше во програмата „Нов зелен план“ на претходната градоначалничка на Скопје, Данела Арсовска, но реализацијата изостана.
Во високо развиените држави гробиштата за миленици се дамнешна практика, проследена со јасно регулирани процедури и стандарди.
Аналитика








