
Кавадарци, градот во срцето на Тиквеш, одамна не е само синоним за лозја и вино. Денес, тука коегзистираат силна преработувачка индустрија, металургија, автомобилска компонента, енергетика, логистика, месна индустрија, винарници ‒ комбинација што создава динамичен локален екосистем. Со натпросечен индустриски пулс и широк спектар дејности, градот е дом и на големи извозници и на работодавачи со стотици вработени, што ја прави економски столб во југоисточниот дел од земјата.
Анализата на порталот Пари покажува дека вкупниот приход на десетте фирми со најголем промет во Кавадарци изнесува 565,3 милиони евра. Вкупната добивка на десетте најпрофитни фирми во градот изнесува 40,6 милиони евра. Кавадарци се издвојува и по бројот на вработени. Кај десетте најголеми работодавачи лани имало дури 8.639 вработени, а вкупната просечна плата на овие компании изнесува 12.628 евра.
КОИ КОМПАНИИ НОСАТ ВИСОКИ ПРИХОДИ ВО КАВАДАРЦИ?
Не е за изненадување што во Кавадарци се прават големи приходи ако се земе предвид дека овој град е дом на компании што произведуваат челични цевки и профили, електрична и електронска опрема, бензински пумпи…
Со најголем приход во Кавадарци може да се пофали компанијата што постои од 1994 година и важи за една од најголемите извозни компании во Македонија. Произведува челични и заварени цевки и профили, и во оваа област е една од најголемите фирми во југоисточна Европа, а тоа е ИГМ-ТРЕЈД – чиј промет изнесува 174,1 милион евра.
На второ место е ДММ ДРЕКСЛМАЈЕР МАНУФАКТУРИНГ МАКЕДОНИЈА ДООЕЛ, компанија за производство на електрична и електронска опрема за моторни возила, со приход од 106 милиони евра.
На трето место е ЦРНА РЕКА ПЕТРОЛ ДООЕЛ со приход од 84,7 милиони евра, семејна компанија што успешно постои и работи повеќе од 30 години и има 11 бензински пумпи.
Основана во 1885 година во регион со вековна винска традиција, винарската визба Тиквеш слави 140 години создавање вина што ја обединуваат природата, луѓето и културата, а ланскиот промет ѝ бил 60,5 милиони евра.
Веднаш зад неа е АЛАЈАНС УАН МАКЕДОНИЈА со производство на тутунски производи, која имала промет од 42,8 милиони евра.
Останатата петка од оваа категорија има приходи во висина од 12,5 милиони евра до 24,9 милиони евра.

Извор: Бизнис Мрежа
А КОЈ ЗАРАБОТУВА НАЈМНОГУ?
Во Кавадарци доминираат добитниците ИГМ-Трејд, Тиквеш, ДММ Дрекслмајер мануфактуринг… Овие компании ги има и меѓу најприходните, но неколку компании што имаат висок приход не се на листата на топ 10 компании по добивка. На врвот, сепак, останува ИГМ-ТРЕЈД, кој има и најголем приход, а и убедливо највисока добивка – 23,4 милиони евра. Добивката е порасната за 47,14 насто во однос на 2023 година.
Исклучителен раст во добивката бележи МАШИНОКОП РЕСУРСИС од 12.730,39 насто, чиј профит изнесува 2,1 милион евра. Одличен раст бележат и компаниите ВИНАРИЈА КРЊЕВО и КА-ОИЛ ЕНЕРГИ, со 368 насто и 177 насто, соодветно.

Извор: Бизнис Мрежа
ВКУПНО ИМА 8.639 ВРАБОТЕНИ ВО ДЕСЕТТЕ КОМПАНИИ
Добитник на листата на ТОП 10 по број на вработени е ДММ ДРЕКСЛМАЈЕР МАНУФАКТУРИНГ со 5.896 вработени, што е помалку во однос на 2023 година, кога бројот изнесувал 6.300 вработени лица.
Другите работодавачи во ТОП 10 во Кавадарци имаат по стотици вработени, а на дното од листата е КОЖУВЧАНКА со 171 вработен, што е повеќе во однос на 2023 година, кога имала 153 вработени.

Извор: Бизнис Мрежа
ПЛАТИ ОД 976 ДО 2.382 евра
Платите во овие десет компании се движат во распон од 976 до 2.382 евра. Највисока просечна плата на вработените им дава компанијата ИТОП КВАРКС, која се занимава со компјутерско програмирање.
Поголемиот дел од фирмите ги зголемиле платите од 10 до дури 230 насто, а само две компании бележат пад на просечната нето исплата ‒ Опшн Прајм и Винарија Крњево.
Најдраматичен раст бележи Дистрибутивни Елементи – РСН, каде што просечната плата скокнала од само 72 евра во 2023 година на 1.454 евра во 2024 година, што претставува повеќе од 19-кратен раст. Иако бројките се впечатливи, аналитички тоа најчесто сигнализира промена во структурата на пријавување или платен модел, а не нагло зголемување на реалниот приход.
Меѓу реалните „пазарни победници“ се издвојува „Еко Пласт – Техника“ со раст од 230 насто.

Извор: Бизнис Мрежа
Катерина Михајлова
Аналитика








