Бојан Стојаноски го започна двегодишниот мандат како член на Управниот одбор на НЛБ Банка. Драгиша Тадиќ ќе биде на таа функција од 4 јануари идната година, со мандат од една година. Решенијата за именување се издадени од Народната банка.
Во информацијата споделена преку Македонска берза, од НЛБ Банка известуваат дека Петер Зелен се повлекува од највисокото раководно тело, а оставката ја поднел поради тоа што е назначен на групациска функција во НЛБ д.д Љубуљана. Во Управниот одбор на НЛБ банка ќе дејствува до крајот на годинава.
Од почетокот на 2026 година со НЛБ Банка ќе управува УО во состав: Тони Стојановски – претседател, Катерина Јанковиќ, Бојан Стојаноски, Драгиша Тадиќ и Кирил Бухов.
Што се однесува до новите членови, Бојан Стојаноски кој е надлежен за корпоративното банкарство, зад себе има над 20 години искуство на високи раководни позиции во банкарскиот сектор, во областа на корпоративното банкарство, управување со ризици, кредитирање, финансиски менаџмент и управување со средства. Во НЛБ Банка преминал од Стопанска банка Скопје, каде што од 2020 година е член на УО и генерален директор за управување со ризици. Во периодот од 2012 до 2019 година, работел во Халк банка, прво како заменик генерален директор задолжен за продажба, финансиски пазари и средства, а подоцна како заменик генерален директор за кредитни ризици и финансии. Претходно ја градел кариерата во КБ Прво пензиско друштво, каде што бил член на УО и втор генерален директор. Тој е магистер по економски науки на Економскиот институт при УКИМ и има диплома по економија од скопскиот Универзитет.
Драгиша Тадиќ задолжен за областа ризици, доаѓа од НЛБ Комерцијална Банка, Белград, од позицијата извршен директор за кредитни ризици, функција што ја извршувал и во периодот од 2015 до 2020 година во НЛБ Банка Белград. Од 2020 до 2022 година е помошник на УОна Комерцијална банка Белград. Неговото искуство е поврзано и со лизинг операции. Моментално е член на Надзорниот одбор на НЛБ Leasing&Go Белград, а до 2015 година работел во ПроКредит Лизинг Белград. Има диплома од Универзитетот во Белград во областа на меѓународната економија и трговија, како и од Универзитетот во Љубљана во областа на деловната администрација.
Кирил Бухов, во чија надлежност е областа операции, во тимот на НЛБ Банка е од јануари годинава, како помошник на Управниот одбор. Професионалната кариера ја започнал во телекомукациите, а во банкарството е од 2006 година. До 2025 година работел во Халк банка, кадешто напредувал до позицијата директор на сектор за информациски системи. Тој е дипломиран инженер на Факултетот за електротехника и информациски технологии при УКИМ, каде завршува и магистерски студии по проектен менаџмент. Поседува богато искуство од областа на дигиталната трансформација, кибер безбедноста, банкарските операции и информациските технологии.
Како што наведуваат од НЛБ Банка, успешно е комплетиран новиот Управен одбор, чиј состав е проширен од досегашните четири – на пет член.
„Проширениот состав на Управниот одбор претставува дополнително зајакнување на управувачките капацитети на Банката и создава силна основа за реализирање на нашите стратешки приоритети. Упатувам искрени честитки до сите членови на Управниот одбор, моите колеги, за нивното назначување. Уверен сум дека нивната докажана експертиза, професионален интегритет и посветеност ќе дадат значаен придонес во натамошниот развој и стабилноста на Банката. Заедно, со јасна визија и одговорно управување, ќе продолжиме да ја водиме Банката кон нови хоризонти и одржлив раст, создавајќи вредност за нашите клиенти, вработените и заедницата. Воедно, изразувам длабока благодарност до досегашните членови на Управниот одбор, Петер Зелен и Игор Давчевски, за нивниот ангажман, професионализам и придонес во работењето на Банката и им посакувам успех во идните професионални предизвици“, истакна претседателот на УО, Тони Стојановски.
Новиот Управен одбор ја истакнува посветеноста на НЛБ Банка кон силно корпоративно управување, искусно и напредно лидерство, усогласено со долгорочните цели и визијата на Банката и НЛБ Групацијата.
Аналитика








