Растот на БДП во третиот квартал од годинава што го објави Државниот завод за статистика е резултат на она што го работевме напорно во изминатата година и половина, изјави на прес-конференција министерката за финансии, Гордана Димитриеска-Кочоска.
„Реалниот раст на Бруто-домашниот производ во третиот квартал од 2025 година изнесува 3,8%. Ова претставува дополнително забрзување на економската активност, по растот од 2,9% во првиот и 3,5% во вториот квартал годинава. Притоа, растот од 3,8% е еден од највисоките во последните неколку години. Во споредба со земјите од регионот и од ЕУ, согласно податоците за третиот квартал за 2025 година, Македонија е на трето место по раст на БДП при што повисок раст е забележан во Ирска и Данска. Доколку споредуваме со земјите од регионот, за третиот квартал од 2025 година, растот во Србија изнесува 2%, во Црна Гора 3,1%, во Хрватска 2,3%, во Бугарија 3,1%, во Романија 1,2% итн. Кумулативно, растот во првите три квартали годинава изнесува 3,4%“, потенцира министерката.
Појасни дека главниот двигател на растот во третото тримесечје се бруто инвестициите, кои се зголемија за исклучително високи 30,6% и се меѓу најуспешните од кога се мери економската активност на земјата.
„Податоците за растот на инвестициите“, наведе министерката, „се најдобар показател за високата доверба на инвеститорите во домашната економија. Дополнително, податоците потврдуваат дека силната посветеност на Владата во изминатиот период за инвестиции во нови производни капацитети и зголемување на конкурентноста на компаниите даде исклучително позитивни резултати“.
Според министерката, високиот раст на инвестициите во овој период доаѓа како комбинација на неколку позитивни трендови во економијата, односно придонесот на инвестициската активност на домашните претпријатија, како резултат на високата искористеност и заинтересираност за поволната кредитна линија обезбедена од Владата, потоа силната посветеност на Владата на капиталните инвестиции и оптимизацијата на нивните трошоци, динамика и услови за градба, како и поддршката на општините за реализација на капитални инвестиции со цел порамномерен регионален развој и унапредување на животот на граѓаните. Сумарно, ваквиот позитивен тренд кај инвестициите укажува на исправноста на Владините политики, дури и во исклучително предизвикувачки период за глобалната економија. Како што рече, позитивен придонес кон растот имаше и финалната потрошувачка со раст од 1,8 насто.
Податоците, како што наведе, покажуваат дека раст е забележан во сите сектори, при што се истакнува силниот раст во градежништвото од 21%, особено растот кај нискоградбата, со исклучително високи 58,5%, реален раст каков што во македонската економија не е забележан во последната деценија.
Ваквиот раст кај градежништвото и нискоградбата, смета минитерката, е во линија со податоците за бруто-инвестициите и претставува дополнителен показател за откочувањето и интензивирањето на капиталните инвестиции во големи инфраструктурни проекти.
Раст е забележан и кај услугите за 2,9%, информациите и комуникациите од 7,4%; стручните, научните, и техничките дејности за 6,1%; трговијата и транспортот за 2,6%, индустријата 1,3%, кај земјоделството за 4 проценти.
Аналитика








