ПОВЕЌЕ

    НОВА ЕРА ВО СООБРАЌАЈОТ: Далечинско управувани автомобили добија зелено светло во Германија

    Време зa читање: 3 минути

    Во Германија стапи на сила нова регулатива со која првпат се дозволува возила да се управуваат од далечина на јавни патишта. Со тоа, „возачот“ повеќе не мора физички да седи зад воланот, туку може да го контролира автомобилот од специјализиран контролен центар преку камери, сензори и телекомуникациска опрема.

    Германската Влада со т.н. Straßenverkehr-Fernlenk-Verordnung воспостави јасна законска рамка за тестирање и користење на возила со далечинско управување во јавниот патен сообраќај. Министерството за транспорт нагласува дека регулативата е насочена кон развој на нови форми на мобилност, особено во областа на „споделување автомобили“, роботакси услуги и модерни форми на јавен превоз.

    Државниот секретар за транспорт Кристијан Хирте изјави дека со оваа регулатива Германија создава предуслови за практична примена на технологии кои досега главно се тестираа во контролирани услови. „Со оваа регулатива создаваме јасна законска рамка за тестирање на возила со далечинско управување во јавниот патен превоз“, порача тој, додавајќи дека целта е да се поттикне развој на нови, пофлексибилни транспортни услуги.

    Новата мерка е продолжение на претходните законски измени од 2021 година, кога Германија веќе дозволи одредено ниво на автономно возење (ниво 4) во дефинирани зони. Сега фокусот е на т.н. „teledriving“ – модел во кој возилото е технички опремено со сензори и камери, но конкретното управување во одредени ситуации го презема обучен оператор кој физички се наоѓа на друго место.

    Регулативата прецизно ги дефинира и условите за лицата кои ќе управуваат со возилата од далечина. Секој што сака далечински да управува со возило мора да има најмалку 21 година, да поседува возачка дозвола најмалку три години и да заврши специјализирана обука. Таа обука вклучува техничко знаење за системите, работа со видеоекрани и сензори, како и процедури за постапување во итни ситуации, на пример прекин на врска или ненадејна опасност на патот.

    Министерството за транспорт наведува дека возилата со далечинско управување можат да помогнат во поефикасно користење на возниот парк, особено во услужни дејности. Како примери се наведуваат роботакси услуги во градовите, испорака на стоки, како и попрактично „споделување автомобили“, каде возилото може да биде донесено до корисникот или земено од него без да мора сам да бара паркинг или станица.

    Компании како берлинскиот стартап Vay веќе развиваат вакви системи и во дел од медиумите ја поздравија новата регулатива како „пробив“ кој отвора пат кон комерцијална примена на далечински управувани возила во поголем обем. Наместо класичен модел на изнајмување, тие нудат услуга во која автомобилот сам „доаѓа“ до корисникот, а оператор оддалеку го доведува и потоа го одвезува до следната точка по завршување на патувањето.

    Иако не станува збор за целосно автономни возила, германските власти ја гледаат оваа технологија како важен чекор кон понатамошна автоматизација во сообраќајот и како можност за тестирање реални сценарија под јасно дефинирани правила. Регулативата засега е поставена како рамка за ограничена, контролирана примена, со силен фокус на безбедноста и надзорот, но со очекување дека искуствата од овие проекти ќе ја обликуваат иднината на мобилноста во земјата.

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично